Вечерва во рамки на програмата на фестивалот Охридско лето во црквата „Света Софија“ со почеток 21 часот ќе се одржи Француска вечер. Пред публиката ќе настапи француското трио „Вандерер“ кое го сочинуваат Винсент Кок на пијано, Жан-Марк Филипс-Варјабедиан на виолина и Рафаел Пиду на виолончело.
Според најавите, на програмата ќе бидат дела на Ј. Брамс, Ј. Сук, Ф. Шуберт.
Триото „Вандерер“ е еден од светските водечки ансамбли на полето на уметничката музика. Неговите членови се врвни професионалци на својот инструмент, професори во значајни институции, добитници на голем број награди и признанија. Се појавиле на најпрестижните сцени во светот, а во својата концертна дејност впишуваат и соработка со големи истакнати музички имиња.
На нивниот репертоар може да се најдат дела од времето на класицизмот, па сè до дела кои се компонирани во 20-тиот и премиерни изведби на дела од 21-виот век. Покрај многубројните компакт-дискови, ТВ и радиоснимки, во 2003 година снимен е и филм посветен на овој ансамбл.
OhridNews