Вечерва од 21 часот во црквата „Св. Софија“ ќе настапи француското пиано дуо Фредерик Шовел и Марк Соле – Лери, а ќе бидат изведени дела на Моцарт, Дворжак, Менделсон-Мошелес, Пуланк и Мијо.

Дуото Марк Соле-Лери – Фредерик Шовел го сочинуваат двајца успешни пијанисти – претставници на француската изведувачка школа. Во текот на своето повеќегодишно постоење дуото се промовира како еден од најуспешните ансамбли од ваков вид во Франција и надвор од неа, а неодамна стана добитник на наградата на конкурсот „Grieg“ во Осло, Норвешка.

Ансамблот има изградена одлична меѓународна кариера на концертните подиуми во Европа и САД и редовно настапува на престижните фестивали и концертни серии во Франција, Полска, Шпанија, Русија и други земји.

Музичарите настапуваат и со симфониски и камерни оркестри, изведувајќи концерти за две пијана. Вистински настан во музичкиот живот беше нивната соработка со кубанско-американското пијано дуо Кирк Випл/Мерилин Моралес со кое го оформиле Пијано квартетот на Обединети Нации и одржале концертна турнеја во Франција и САД.

Двајцата пијанисти предаваат на „Ecole Départementale de Musique des Alpes Maritimes“ и се уметнички директори на „Festival des Portes du Mercantour“ и „Festival de la Haute Tinée“. Во 2006 година го основале Меѓународниот натпревар за четирирачно пијано во Валберг.

OhridNews