Главниот „мозок“ на терористичките напади кои минатиот петок се случија во Париз, Абделхамид Абаауд бил убиен за време на рацијата која се случи ноќта меѓу вторникот и средата во парискиот кварт Сен Дени, потврдиле од канцеларијата на државниот обвинител на Франција. По целодневните шпекулации дали терористот роден во бриселскиот кварт Моленбек навистина настрадал во акцијата на француската полиција, информацијата и официјално ја потврдиле од канцеларијата на францускиот државен обвинител, без дополнителни детали за неговата смрт.
„Абделхамид Абаауд формално е идентификуван со помош на отпечатоци од прстите, по акцијата на специјалната единица во Сен Ден на 18-ти ноември“, соопштиле од канцеларијата на државниот обвинител.
Првата реакција на смртта на Абаауд дошла од страна на францускиот премиер Мануел Валс, кој „го поздравил тоа што се случило“. Дека Абаауд настрадал во акцијата на француските специјални сили претходно во средата пренесе и The Washington Post, повикувајќи се на двајца неименувани агенти на тајната служба.
Францускиот обвинител Франсоа Молин потоа соопшти дека Абаауд не бил меѓу уапсените, но тогаш не ја исклучил можност тој да е убиен во акцијата на полицијата. Француската полиција во ноќта меѓу вторникот и средата спроведе голема рација во париската населба Сен Дени во која уапси седум лица, а две лица беа убиени. Имињата на убиените не беа објавени, но потоа се појавија информации дека една од нив е Хасна Аитбулахсен, роднина на првообвинетиот за терористичките напади во Париз. Таа побарала помош од полицијата, се појавила на еден прозорец од зградата во која упаднала полицијата, а по десетина минути од престрелката меѓу полицијата и терористите го активирала појасот со експлозив.
По потекло од Мароко, 27-годишниот Абаауд се смета за еден од најактивните членови на Исламска држава во Сирија, а на почетокот на годината во отсуство беше осуден на 20 години во затвор поради терористички напад во градот Вервје, во кој беа убиени белгиски полицајци. Тогаш истражителите изразија уверување дека тој е лидерот на џихадистичката келија во Белгија и дека раководи со регрутација на радикални исламисти кои потоа стануваат членови на Исламска држава.
Абаауд беше уапсен на 17-ти јануари годинава во Грција, заедно со уште тројца исламисти, два дека откако во Белгија беа убиени двајца членови на неговата терористичка ќелија, Редуан Хагауи и Тарик Жадаун. Сепак, непосредно потоа тој беше пуштен на слобода и се претпоставува дека се вратил во Сирија, од каде ги командувал операциите на терористите во Белгија.
OhridNews
извор Макфакс