Ален Роберт кој е наречен францускиот Спајдермен, или човекот пајак, познат по тоа што ги има „освоено“ највисоките згради во светот, во вторникот се искачи на хотел во Хонг Конг со 46 катови, за да го сврти вниманието на климатските промени, објави неговиот портпарол.

Ален Роберт (45) го привела полицијата кога качувајќи се по фасадата на зградата само со силата на своите раце стигнал на покривот од хотелот Four Sasons, а потоа го пуштила.


Човекот пајак носел маица со името на веб-страницата thesolutionissimple.org за да предупреди на климатското затоплување за кое најголем дел од одговорноста го сноси Кина, им рекол на новинарите.

„Со качувањето по зградата сакав да го свртам вниманието на проблемот со климатските промени“, изјавил.


Кралот на качувањето допатувал во Хонг Конг поради промоција на англискиот превод на својата книга „Ален Роберт, со голи раце“ во која зборува за својата дванаесетгодишна кариера во која се има качено на 70 највисоки светски кули и облакодери, меѓу кои и Ајфеловата кула.

Претходната година е избркан од Кина по поминати пет дена во затвор. Тогаш без дозвола облечен во костум на Спајдермен се искачил на кулата Јинмао во Шангај која е повисока од 420 метри.