Влегувањето на „Сосиете женерал“ во Охридска банка значи дека постои доверба кај француските компании за вложување во Македонија, изјави во Охрид францускиот амбасадор Бернар Валеро кој престојува во работна посета на Охрид.
“Тоа ќе предизвика ефект на локомотива, бидејќи Сосиете ќе привлече други компании, не само од Франција, туку и од цела Европа и ќе ги охрабри да дојдат и да инвестираат во Македонија“, рече Валеро.
Валеро ја посети Охридска банка, а оствари и средба со градоначалникот на Охрид , Александар Петрески при што била договорена поинтензивна соработка во привлекувањето на француските туристи во Охрид.
“Кон тоа ќе придонесе воспоставувањето на директна авионска линија Скопје-Париз во што доста помогна амбасадорт Валеро, а разговаравме и за што поуспешно претставување на Охрид во Франција, за учество на саемот во Париз и искористување на други средби во Франција за промоција на Охрид , бидејќи за жал многу од Французите не знаат за Охрид и Македонија“ рече по средбата градоначалникот Петрески.
Амбасадорот Валеро и градоначалникот Петрески
На средбата било разговарано за идејата под покровителство на француски институции да се организира филмски фестивал во Охрид, како и за подготовки на Форумот на НАТО, СП во ракомет и конференцијата дијалог помеѓу цивилизациите, на кои активно учество ќе земе Франција. За таа цел била договорена поинтензивна соработка помеѓу локалната самоуправа во Охрид и француската амбасада во Скопје во наредните месеци.
Г. Момироски
фото: С. Костоски