Во рамки на фестивалот „Охридско лето“  вечерва со почеток во 21 часот во црквата „Св. Софија“  ќе се одржи Француска вечер на која ќе настапат пијанистите Уго Леклер и Елен Котино- Коен.

Уго Леклер е француски пијанист кој изградил многу успешна кариера, настапувајќи во најпрестижните концертни сали со реномирани оркестри (Берлинската филхармонија, Националниот оркестар на Прашкото радио и др.) и диригенти (Жан-Пјер Вале, Михаил Шчербаков, Владимир Валек и др.). Дипломирал пијано, музичка теорија и камерна музика со високи одликувања. Настапува како солист и камерен музичар, а неговиот репертоар го сочинуваат дела од речиси сите епохи. Голем поддржувач е на современата музика, затоа многу често соработува со композиторите во текот на создавањето на новите дела. Истовремено, како голем почитувач на Моцарт, Бетовен и Хајдн, тој почнал да го истражува звукот на класичните инструменти. Поседува инструмент „Стеин“ кој идеално одговара на делата што се пишувале во доцниот осумнаесетти век. Леклер, речиси, 20 години работи како уметнички директор на Интернационалниот фестивал „Нансифони“ .

Израсната во семејство на џез-музичари, Елен Котино-Коен уште од рана возраст почнува да се интересира за музиката. Студира пијано на Конзерваториумот во Париз, а подоцна и на Кралскиот конзерваториум во Брисел. Настапувала на голем број значајни фестивали (фестивалот „Челзи“ во Њујорк, фестивалот „Нансифони“). Освен како пијанист, Коен е позната и како композитор. Имено, во 2013 година таа за прв пат го изведува своето дело „Ирбис“ на фестивалот „Нансифони“.

OhridNews