Франција отсекогаш била и останува на страната на Македонија за да и` помогне на патот кон ЕУ, и во таа насока се одвива нашата билатерална политика, рече во разговор со новинарите францускиот амбасадор Бернар  Валеро, кој  престојуваше во работна посета на Охрид.

Според него изборот на Николас Саркози за претседател нема да ја промени надворешната политика на Франција кон Република Македонија.

“Земја како што е Франција нема навика на секои 5 години да ја менува својата надворешна политика. Франција е постојана членка на Советот за безбедност на ОН, петта економска сила во светот, земја основач на ЕУ и имајќи го сето ова во предвид јасно е дека секоја недела ние не ги менуваме принципите и насоките на надворешната политика“, рече Валеро.

На Македонија местото и е во ЕУ и НАТО, вели Валеро. Во врска со зачленувањето на Македонија во ЕУ постои двојна одговорност. Дел од одговорноста сносат самите членки  на ЕУ,  кои ќе треба да ја зацврстат европската куќа и да изнајдат решенија за сите проблеми поврзани со интитуционалните реформи, додека одговорност на македонските власти е да ги спровведат сите неопходни реформи до крај, истакна Валеро.

Г.М.