Со откривање на спомен плоча во чест на маж кој загина во самоубиствениот бомбашки напад на стадионот крај француската престолнина, францускиот претседател Франсоа Оланд ја започна денешната церемонија по повод одбележувањето на првата годишнина од терористичките напади во Париз. Мануел Диаз, 63-годишен, загина пред националниот стадион „Стаде де Франце“ на кој во тој момент се играше пријателскиот фудбалски натпревар меѓу селекциите на Франција и Германија. Тоа беше првиот од низата напади вечерта на 13-ти ноември 2015 година, во кој загинаа вкупно 130 луѓе.
Францускиот претседател Франсоа Оланд и париската градоначалничка од неговата социјалистичка партија Ан Идалго, потоа открија спомен плочи на кафулињата и рестораните во монденскиот центар на Париз во кој напаѓачите чија припадност ја потврди ултрарадикалната сунитска организација Исламска држава, стрелаа врз луѓето кои уживаа во вечерното излегување тој петок.
Главната свеченост ќе се одржи во „Батаклан“, концертната сала во којашто тројца напаѓачи убија 90 луѓе во текот на настапот на американската рок група Eagles of Death Metal. Британската музичка ѕвезда Стинг вчеравечер, симболично по една година со свој концерт ја отвори повторно салата. „Нема да ги заборавиме. Денеска имаме две задачи: прво да се потсетиме на оние кои ги загубија животите во нападот, а потоа да ги славиме животот и музиката во ова историско време“, ѝ се обрати Стинг на публиката на француски јазик, откако со минута молк им беше одадена почест на жртвите. Стинг го започна концертот набиен со емоции со песната „Fragile“, пеејќи ги стиховите „Насилството не носи ништо и нема“, на што многумина во публиката плачеле.
На распродадениот концерт присуствувале и многумина преживеани на нападот. Меѓу нив бил и Орелјен. „Ова е првпат да бидам на јавно место по една година. Не сум бил во кино, на концерт, продуктите ми ги доставуваат дома, постојано сум дома“, рекол видно потресен овој триесетгодишник, истакнувајќи дека со овој концерт се вратил во живот. „Тоа е должност, мора да се биде тука, бидејќи 90 луѓе повеќе не можат“, додал.
Францускиот премиер Мануел Валс во саботата во напис објавен во најтиражните европски дневни весници вети дека исламскиот тероризам ќе биде поразен еднаш засекогаш. „Тероризмот повторно ќе нападне во Европа“, предупреди, „но имаме сила и сето што ни е потребно да го победиме“, напиша. Додаде дека вонредната состојба воведена по париските напади веројатно ќе биде продолжена. Вонредните мерки се неопходни „за да се заштити демократијата“, истакнува Валс.
Франција е дел од меѓународната коалиција која се бори против џихадистичката Исламска држава во Ирак и во Сирија. Во земјата и натаму е вонредната состојба, а тероризмот и улогата на исламот се клучни теми на дебатите шест месеци пред одржувањето на претседателските избори.