Четириесет и пет илјади полицајци се мобилизирани и вечерва за да ги контролираат протестите што веќе шеста ноќ по ред се одржуваат во поголемите градови во Франција, соопшти францускиот министер за внатрешни работи Жералд Дарманен.
На безбедносните сили им е дадена наредба да спречат секаков обид за насилство и да ги приведуваат извршителите.
Нередите во Франција избувнаа во вторникот откако 17-годишно момче беше убиено во предградие на Париз.
Во насилните протести имаше повредени демонстранти и полицајци, беа запалени автомобили и демолирани продавници и други објекти.
Само во изминатата ноќ полицијата приведе 719 лица.
Бабата на убиениот Нахел повика на прекин на нередите во Франција
Бабата на 17-годишниот Нахел чие убиство во вторникот предизвика бран нереди во Франција, денеска повика на смиреност, а нејзиниот внук да не се користи како изговор за насилства.
– На луѓето што кршат им велам: запрете! Не кршете ги излозите, училиштата и автобусите! Запрете, мајките се качуваат во автобусите, мајките излегуваат надвор. Нека се смират овие млади луѓе, изјави 70-годишната Надија за француската телевизја БМФ.
Таа истакна дека оние кои кршат и вршат насилства ја користат смртта на нејзиниот внук само како како повод. Вели дека е лута на полицаецот кој пукал во Наел, но не сака да прави генерализации за однесувањето на француската полиција.
Нахел беше убиен од полицаец во вторникот во предградие на Париз. Полицаецот беше приведени и против него е поднесено обвинение за убиство со умисла.
Убиството на момчето предизвика бран немири во поголемите градови во Франција, кои траат веќе шест дена
Шолц: Германија „со загриженост“ ги следи немирите во Франција
Германија „со загриженост“ ги следи немирите во Франција, поради што е одложена и планираната посета на францускиот претседател Емануел Макрон на Берлин, изјави денеска германскиот канцелар Олаф Шолц.
Во интервју за телевизискиот канал АРД, Шолц изрази надеж дека француските власти брзо ќе ја исконтролираат ситуацијата.
Не очекувам Франција да стане нестабилна, иако (телевизиските) снимки се многу загрижувачки. Со Франција имаме пријателски односи и со заеднички сили гарантираме дека Европската унија, која е толку важна за нашата иднина, функционира добро, поради што со загриженост следиме што се случува во таа земја. Искрено се надевам, и целосно сум убеден, дека францускиот претседател ќе најде начини кои гарантираат брзо подобрување на ситуацијата, рече Шолц.
Францускиот претседател Емануел Макрон вчера соопшти дека ја одложува државната посета на Германија, која требаше да започне вечерва.
Причината за одложувањето се немирите во Франција кои избувнаа во вторникот по убиството на тинејџер од страна на полицаец во предградие на Париз.
OhridNews
Фото: Принтскрин Јутуб