Французите Аксел Рејмонд во машка и Ошан Касињол во женска конкуренција се победници на Охридски пливачки маратон од серијата Ултра пливачки маратони на Светската пливачка федерација (ФИНА), што се одржа денеска во водите на Охридското Езеро.

Рејмонд кој настапуваше со стартен број 4, патеката долга 25 километри од Свети Наум до Пристаништето во Охрид ја исплива за 5:10:31 часа, победувајќи за неколку „завеслаи“ пред второпласираниот Стокино Едуардо од Италија (5:10:32) кој настапуваше со стартен број 10, додека трет на целта со задоцнување зад победникот од само три секунди пристигна нашиот Евгениј Поп Ацев, кој настапуваше со стартен број 7 .

Победникот на трката кој и пред почетокот на трката беше фаворит, третпат го плива Охридскиот маратон и исто толку пати прв доплива до целта.

Трет пат сум тука и ова е моја трета победа. Оваа трка беше многу тешка. Како пливач не сакам да пливам напред и да ги повлекувам другите, најдобро се снаоѓам кога сум со останатите во група, а пред целта го засилувам темпото. Тешко беше бидејќи пливачот од Италија беше многу блиску до мене. Така беше и овојпат, водев битка со останатите до самата цел и среќен сум што повторно прв пристигнав на крајот, изјави Аксел Рејмонд.

Нашиот маратонец Евгениј Поп Ацев  задоволен од трката и од постигнатиот резултат.

Задоволен сум од постигнатиот резултат, блиску бев до првото и до второто место. Можев и да бидам прв, но исто така можев и да бидам и послабо пласиран. Трката беше добра, за среќа немаше невреме иако такви беа прогнозите. Наместа имаше мал бран, но условите се исти за сите. Ова е прва трка, ќе ги пливам и останатите маратони така што разликата во бодови не е голема, рече Поп Ацев.

Во женска конкуренција најуспешна беше Ошан Касињол од Франција со стартен број 23, која ја исплива патеката „Климе Савин“ за 5:16:39 часа. Втора беше Жуис Каролин од Франција со време 5:45:42 и стартен број 24, а трета на целта стигна Геијло Пилар од Аргентина со време 5:47:21.

Генерлно одлична трка, очекувана тројка и во машка и во женска конкуренција. Не послужи времето. Организацијата од наша страна беше одлична. Очекуваме генералниот покровител да си ја исполни обврската со наградниот фонд, зошто последните две години пливачката федерација не ги доби средствата од наградниот фонд, па мораше од лично свои фондови да ги исплаќа наградите, рече Александар Маленко, претседател на  Пливачката федерација на Македонија.

Тимовите на ОО Црвен крст Охрид како и секоја година и оваа присутни на Охридскиот маратон.

Имавме доста работа навистина. Имавме интервенција на пливач кој се откажа на трката кај Метропол. Имаше стомачни тегоби, по што медицинската екипа интервенираше и се помина добро. Имавме неколку интервенции на посекотини на пливачи кои излегоа на пристаништето. Во текот на трката имавме неколку проблеми со пливачи кои бараа помош, но без фаќање за чамецот, нивите повреди беа санирани. Имавме идеални услови на почеток на трката, а на средина временските услови се влошија, со доста силен ветар, но се справивме со цела ситуација. Многу добра трка. Се надевам традицијата ќе продолжи и понатаму, рече претседателот на ОО Црвен крст Охрид, Сашо Точков.

Пливачите на целта ги пречека претседателот Стево Пендаровски, кој како покровител на манифестацијата победниците им додели венци. Наградата „Климе Савин“ ќе биде доделена на 28 август, по завршување на светскиот куп на 10 километри.

Фото галерија

Француска доминација на Oхридскиот пливачки маратон

Н.С.Ј.
фото. А. Момироска
Прес на Претседател на РСМ