Во рамките на традиционалната Француска вечер на фестивалот „Охридско лето“ што се одржува со поддршка на Францускиот институт во Скопје, вечерва во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот ќе се одржи концерт за четири раце на пијано.
Фестивалската публика ќе ужива во музицирањето на врвните француски пијанисти Мишел Бурдонкле и Николас Бурдонкле кои ќе отсвират дела од Фредерик Шопен, Сергеј Рахманинов, Клод Дебиси и Дариус Мијо.
Француската вечер на „Охридско лето“ секоја година претставува вистинско уживање за љубителите на уметноста. Според амбасадорот на Република Франција во Република Македонија Кристијан Тимоние, Француската вечер се афирмира како еден привилигиран момент во којшто се претставуваат врвни имиња од светот на француската музичка сцена.
-Амбасадата на Република Франција во Република Македонија и Францускиот институт во Скопје имаат долгогодишна соработка со фестивалот „Охридско лето“ која што во последните 11 години се остварува преку веќе традиционалната Француска вечер. Со Француската вечер секоја година ни доаѓаат врвни музички имиња од Франција со заеднички напор што го вложуваат и фестивалот и амбасадата и Францускиот институт во Скопје, на општо задоволство. Така, на македонската публика имавме можност да и понудиме врвни имиња. Минатата година тоа беше ансамблот „Маскерина“ а годинава ќе биде пијано-дуото, таткото и синот, Мишел и Николас Бурдонкле. Сигурни сме дека соработката ќе продолжи и во иднина со уште поголеми проекти и звучни имиња од француската музичка сцена, вели амбасадорот Тимоние.
Според францускиот амбасадор,поддршката за Француската вечер на „Охридско лето“ е всушност поддршка и за градот Охрид.
-Поддршката за Француската вечер и фестивалот е поддршка за градот Охрид како пример за одржлив туризам и придонес кон развојот на овој град кој е под заштита на УНЕСКО, додава амбасадорот Тимоние.
Во рамки на драмската програма на Охридско лето, исто така денеска, ќе биде изведена куклената претстава „Тоби“од Флоријан Зденек, а во режија на Драгослав Тодоровиќ. Претставата ќе ја одиграат актерите од Театарот за деца и младинци од Скопје, во Центарот за култура „Григор Прличев“ со почеток во 19 часот.
Театарот за деца и младинци подготви навистина специфична бајка длабоко мотивирана од чисти хумани сфаќања. Ова е приказна за едно куче Тоби, кое се срами од свojoт изглед. Тоби го минува патот на спознавање една голема вистина.
-Постои нешто, особено кај младите, што изгледа како ненадминлива препрека. Во тие години никако не сте задоволни од сопствениот изглед. Меѓутоа ако имате пријателка како госпоѓата Флора, вие, како јазовичарот Тоби ќе се согледате од сосема друг среќен агол со помош на пријателите. И уште нешто: „Никогаш немојте да се китите со туѓите перја. Ќе испаднете смешни, вели режисерот на претставата Драгослав Тодоровиќ.
И покрај овој суштински аспект на детската драма, во неа се читаат и откриваат навистина сѐ уште актуелни проблеми кај луѓето: необјаснива желба за промена на сопствениот изглед, дискриминација по најразлични основи, физички, социјални, расни итн. Во секој случај, најважно е ние самите да бидеме среќни и да бидеме прифатени со она што го носиме, со она што имаме да му го понудиме на овој свет.
убликата ќе може да види навистина богати, ведри и духовито дизајнирани кукли кои вешто водени од актерите ќе донесат многу свежина и игра во детските очи.
OhridNews