Во општината Бонди во близината на Париз беше одржана комеморација по повод 91 година од смртта на македонскиот научник и општественик, д-р Анастас Коцарев, во организација на здружението „Заборавени Македонци“ и во присуство на високи претставници на градската власт и претставници на семејството Пинел, јави дописникот на МИА.

Панихида за познатиот македонски доктор од Охрид отслужи отец Даниел Стојчевски, свештеник во МПЦ-ОА „Св.Кирил и Методиј“ од Париз, а присутните оддадоа почит и на вереницата на д-р Коцарев – Сесил Пинел и положија венец на нивната заедничка гробница.

На комеморацијата присуствуваше и Женевјев Бруне, ќерка на Сесил Пинел како единствен потомок и претставник на семејството. Имено, Коцарев е погребан во нивната семејна гробница и со тоа гробот е сочуван до ден-денес.

Претседателот на здружението „Заборавени Македонци“ Златко Николовски во своето излагање приказната за Коцарев и Пинел ја спореди со „достигнувањата на нивните современици и соработници Пјер и Марија Кири и четиригодишниот период од нивната врска полн со надежи за нивната иднина“.

Делегацијата од француска страна ја сочинуваа градоначалникот на општина Бонди и член на Парискиот регионален совет Стефен Ерве кој беше придружуван од советникот за култура и одбележување настани Отман Асади и Ани Гито, менаџер за политички односи во општината.

Градоначалникот Ерве зборуваше за важноста на д-р Коцарев и неговиот придонес во областа на медицината не само во Франција, туку воопшто, за човештвото.

Д-р Коцарев со својата научна работа бил посветен на проблемот на дијагностицирање и лекување на ракот со примена на радиум. Ова истражување го спојува на тесна соработка со Марија Кири-Склодовска која во тоа време била професор и директор на лабораторијата за радиум на Универзитетот Сорбона во Париз. Д-р Анастас Коцарев бил еден од пионерите на радиотерапијата и радиографијата и првиот научник во светот кој направил рендгенографија на фотографска плоча на пациент заболен од канцер (рак). Таа човечка величина и тој научен придонес почива овде, во нашата општина, подвлече градоначалникот на Бонди, Стефен Ерве.

Поздравно писмо на настанот упати и претседателот на Македонската академија на науките и уметностите Љупчо Коцарев, кој исто така, потекнува од познатото охридско семејство Коцареви. Во посланието претседателот на МАНУ делото на д-р Анастас Коцарев го одреди како „безвременско и бесмртно“, цитирајќи го големиот римски поет Хорациј, кој за своето дело, вели дека по неговата смрт „Нема целосно да умрам“ (Non omnis moriar).

Денес е време кога треба да се зборува, да се биде гласен и да се поддржи истата онаа обединувачка моќ на Анастас Коцарев кој своевремено ги обединил сите македонски друштва во Швајцарија и пошироко за општествен и духовен мир и опстој на Македонците, вели академик Љупчо Коцарев.

Анастас Коцарев е роден во Охрид, на 26 март 1890 во старото и угледно охридско семејство Коцареви. Основно образование завршил во Охрид, гимназија во Солун и медицински факултет во Женева каде докторирал и останал да работи на Женевскиот универзитет како асистент, а потоа како лекар и приватен доцент по онкологија на универзитетската клиника. Во 1928 година со својата вереница, Французинката Сесил Пинел се населил во Париз каде ненадејно, под неразјаснети околности починал на 28 март 1931 година.

Д-р Коцарев со својата научна работа бил посветен на проблемот на дијагностицирање и лекување на ракот со примена на радиум.

Ова истражување ќе го насочи на тесна соработка со познатата нобеловка Марија Кири – Склодовска која во тоа време била професорка и директорка на лабораторијата за радиум на Универзитетот Сорбона во Париз. Бил еден од пионерите на радиотерапијата и радиографијата и првиот научник во светот кој направил рендгенографија на фотографска плоча на пациент заболен од канцер (рак).

Според исказите на голем број негови колеги-современици од тој период, д-р Анастас Коцарев своевремено бил најблиску до Нобеловата награда за медицина. Неговата ненадејна смрт во Париз ги попречила сите негови истражувања и успеси.

Покрај неговата професионална преокупација – медицината, д-р Анастас Коцарев во текот на Првата светска војна, и по неа, развил жива политичка активност во Швајцарија и се залагал „за единствена и независна држава Македонија“.

Во 1918 година ги обединил македонските друштва од Цирих и Лозана во заедничко „Друштво на Македонците за независна Македонија“, а подоцна бил основан и Генералниот совет на македонските друштва во Швајцарија (Conseil general des Sociétés macédoniennes) на кое Коцарев бил избран за претседател. Во 1919 година, во текот на Париската мировна конференција во Париз д-р Коцарев во име на Главниот одбор поднел барање да испрати тричлена комисија која би ги застапувала интересите на македонскиот народ, но нивното барање било одбиено од преговарачите на конференцијата. Главниот одбор и д-р Коцарев продолжиле да испраќаат телеграми и петиции барајќи праведно решавање на македонското прашање.

OhridNews