„Охридска пастрмка“ или Salmo letnica, нејзиното научно име, беше обележана како „единствена“ во 1924 година, но мештаните повеќе сакаат да ја нарекуваат „древна“ бидејќи најблиските нејзини видови се најдени само како фосили. Нејзиниот прекар „охридска“, е затоа што овој вид е ендемичен, се наоѓа само во Охридското Езеро, едно од најстарите езера во светот покрај Бајкалското во Русија и Тангањика во Африка.
Низ годините пастрмката е загрозена со прекумерно ловење и загадување.
„Луѓето некогаш живееа од рибарењето, но повеќе не,“ се жали 71 – годишниот Номче Јаков додека игра карти со пријателот Стефче Илков, 75, од малото крајбрежно село Пештани, кој вели дека некогаш се ваѓале до 3 тони риба дневно од езерото. „Сега, ако фатите една тона, може да речете дека е тоа богат улов,“ вели тој. „Вистински доказ дека риба има се` помалку и помалку.“
После низа од предупредувања од страна на интернационални експерти, Македонија конечно го забрани комерцијалното ловење риба во 2005 година. Научниците велат дека мерката забрана не е доволна да го спречи истребувањето на пастрмката, бидејќи на рибата – која може да достигне тежина до 11 килограми – и се потребни 7 години да достигне тежина од само 1 килограм.После две години од забраната, најголема закана по опстанокот на пастрмката сеуште се рибарите кои ја ловат занесени од огромниот профит што го носи продажбата на пастрмката, риба нашироко позната по извонредниот вкус и нежен облик.
Љупчо Патче, чиј што ресторан, Далга, е во срцето на стариот дел од градот Охрид и привлекува многу туристи секојдневно, вели дека пастрмката мора да биде на негово мени.
„Пастрмката е една од знаменитостите на Охрид, би било срамота да ја немам во понуда“ вели Патче, додека келнерите „шпартаат“ околу масите со вкусни јадења.
Еден од најголемите обожаватели на пастрмката беше и југословенскиот диктатор Тито, кој „морал“ да ја има на мени барем еднаш месечно. И кралски усти ја сакале, како нпр. холандската кралица Беатрикс. „Ја купуваме од рибари од Албанија, но и овдешни, за околу 10 евра по кило, а ја продаваме за триесет во рестораните,“ вели Патче.
Езерото кое лежи помеѓу Македонија и Албанија, е повеќе од 30 километри долго и достигнува длабочина до 290 метри. Градот Охрид и околината се на Светската листа на УНЕСКО од 1979 година. Езерото е познато како „музеј на живи фосили“ бидејќи, со векови, било дом на најмалку 146 различни видови, вклучувајќи и 17 видови риба. Две третини од малите ракчиња и црви и 90 проценти од полжавчињата не можат да се пронајдат на ниедно друго место.
Но „иднината и` е загрозена“ на пастрмката, вели Зоран Спиркоски од охридскиот Хидро-биолошки институт, додавајќи дека досегашните апели за заштита на рибата од потполно изумирање не наишле на одѕив. Од основањето во 1930 година па досега, институтот се труди да го зголеми бројот на пастрмки преку вештачко оплодување во текот на зимскиот период на мрест. „Минатата година, собравме и оплодивме 2.5 милиони јајца во текот на периодот за мрест. Оваа година досега собравме само 650.000,“ вели Даница Илиќ – Боева, која предводи мал тим вклучен во активностите. „Бројките одат се` подолу и подолу, иако се трудиме најмогу што можеме. Потребни ни се повеќе акција, пари и вклученост на авторитетите.“
Претставникот на полицијата Дејан Наумоски, вели дека граничните патроли прават се` во нивна моќ да го спречат илегалниот лов на рибата, но резултатите не се охрабрувачки.
„Во последните 4 месеци, патролираме по езерото секој ден, но рибарски мрежи сеуште можат да се најдат,“ вели Наумоски, обвинувајќи го правниот систем за „мекост“ кон крадците.
Во Македонија, каде повеќе од 35 проценти од двомилионската популација е невработена, нелегалните бизниси се вообичаена работа. Во Охрид, тоа е рибарењето, занимање со вековна традиција. Главоболка плус за научниците е неконтролираното загадување на езерото, кое некогаш се одликувало со кристално чиста вода добиена од џиновските извори на јужниот брег во подножјето на планината Галичица.
Локалните рибари повеќе сакаат вината да ја префрлат на нивните колеги рибари од соседната Албанија. „Прекумерното ловење е практика на двете страни од езерото,“ вели Јаков, „но ние користиме само мрежи додека Албанците користат и динамит, што е погубно за рибата. Проблемот е во недостигот на соработка помеѓу Македонија и Албанија, и загадувањето од отпустите на канализацијата“ вели тој.
(текстот е на Јасмина Миронски, од пред неколку дена, за France press, објавен на светскиот интернет пребарувач Yahoo; превод – Спаско Костоски)