Иницијативниот одбор за основање општинска организација во Охрид на новата партија што ќе ја формираат фракционерите од НСДП, синоќа одржа состанок во х. Милениум Палас.


Според, Лазар Еленоски, еден од иницијаторите за формирање на новата партија, во повеќе градови во републиката во тек е постапка за основање општински ограноци. Тој најави дека основачкото собрание на новата партија која ќе го носи предзнакот социјалдемократска ќе се одржи за две недели. Во моментов како што изјави Еленоски, се лицитира со две имиња на новата парија: Социјалдемократска унија или Социјалдемократска алијанса. Еленоски очекува по поразот на опозицијата на изборите во новата партија да пристапат многу незадоволни членови од СДСМ и НСДП.


Одговарајќи на новинарско прашање дали новиот полиитички субјект ќе партиципира во власта, Еленоски истакна дека веднаш по основачкото собрание, новата партија ќе отпочне преговори со премиерот Груевски бидејќи како што рече пред изборите иницијативниот одбор го упати членството да гласа за коалицијата „За подобра Македонија“.
Еленоски од Охрид најави дека новата партија ќе се натпреварува на претстојните локални избори, кои како што рече, ќе бидат тест за нејзиниот капацитет.

Ohridnews.com