– Во првиот дел од сезоната влечев повреда на зглобот, поради што бев бавен. Сега сум ОК. Пред мечот со Пелистер, тренерот ми рече да играм слободно и јас го искористив моментот. За разлика од лани, оваа екипа е поквалитетна, минатата сезона јас бев тој што требаше да го заврши речиси секој напад, што сега не е така. Затоа моите статистички бројки се послаби во однос на лани, но јас сум тука да ги извршувам барањата на тренерот и сè додека тој е задоволен од мојата игра и јас сум задоволен – вели Џарид.
Во финишот на регуларниот дел „Езерџиите“ претрпеа три порази, со што ја расипаа идиличната слика за тимот.
– Претрпевме неколку порази во серија во натпревари што можевме да ги добиеме. Сè уште ја градиме „хемијата“ во нашиот тим и очекувам во овој дел од првенството да го покажеме вистинското лице – вели тој.
За Фрај ова е втора година во Охрид. Се навикнал на начинот на живеење, но најголем проблем вели дека му претставуваат студеното време и условите во кои се играат натпреварите во зимскиот период.
– Тешко е кога мора да дуваш во рацете за да ги загрееш дланките – вели Американецот.
Џарид научил и неколку македонски збора, кои му помагаат да се снајде на терен. „Пази, смени, лево и десно“ се зборовите што најчесто се употребуваат во баскетот, кои се нови во вокабуларот на Американецот.