Опуштени и одушевени од приемот во Македонија за која рекоа дека е библиска земја, а Охрид преубаво место, членовите на култниот американски џез состав „Форплеј“ на прес конференцијата што се одржа денеска заедно со новинарите му го честитаа роденденот на гитаристот Кирк Вил кој го менува членот на оригиналната постава Чак Лоб и најавија концерт за паметење на отворањето на фестивалот Охридско лето, утре вечер на Античкиот театар во Охрид.
– Постоиме 26-години и сме го пропатувале светот. Во Македонија сме за прв пат и ни причинува задоволство, но и чест што заедно со Македонската филхармонија ќе настапиме на отворањето на Охридско лето. -изјави најстариот член на Fourplay, Боби Џејмс.
– Ќе настапиме во живо заедно со оркестарот на филхармонијата. Концертот ќе биде спој на џез и класична музика и верувам дека публиката ќе ужива. – рече Харви Мејсон.
За прв пат фестивалот Охридско лето кој беше препознатлив по класичниот репертоар, ќе биде отворен со џез концерт. Според директорот на фестивалот Оливер Арсовски, оваа новина ќе внесе живост, дотолку повеќе што се работи за светски тренд, што го потврдува и интересот за отворањето на фестивалот.
– За утрешниот концерт пристигнуваат љубители на џезот од целиот регион. Исто така како новина се џез вечерите на 19,21,22 и 23 јуи, во програмата имаме 33 врвни концерти, 9 театарски претстави, филм за охридскиот бисер, изложба на Драган Охридски…. една целокупна програма која изобилува со врвна уметност и атрактивни нови содржини благодарение на новите селекторти, музичкиот Ѓорѓи Цуцковски и за драма Зоран Љутков. – истакна Арсовски.
На 57-то издание на Охридско лето ќе бидат одржани 57 култури настани. Фестивалот завршува на 20 август.
Г.М.