Со пристигнување на патници од Истанбул денеска на охридскиот аеродром „Свети Апостол Павле“ беше означен официјалниот старт на нововоспоставената авионска линија од Истанбул до Охрид. Новата авиолинија не само што ќе придонесе за развој на туризмот, истата ќе значи многу за развојот и на економијата, велат надлежните.

Воведувањето нови авиолинии значи побрзо и полесно поврзување со светот, зголемување на туризмот, нови економски можности и унапредување на имиџот на нашата држава, рече премиерот Христијан Мицкоски.

Нашата држава, со својата стратешка локација на Балканот, има потенцијал да стане значаен центар за воздушен сообраќај, затоа нашата Влада активно работи на воведување нови авиолинии преку партнерства со реномирани авиокомпании како „Туркиш Ерлајнс“, обезбедуваме директни летови до клучните европски и светски дестинации, поттикнување на нискобуџетни превозници што ќе овозможи подостапни билети за нашите граѓани и ќе привлече повеќе туристи и инвеститори, модернизација на аеродромите преку подобрувањето на капацитетите и услугите во аеродромите во Скопје и Охрид ќе се создадат услови за зголемен број летови, како и промоција на нашата земја како авиотранспортен центар за што работиме на меѓународни договори и иницијативи кои ќе ја зголемат атрактивноста на нашата земја за деловни и туристички патувања.

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски истакна дека оваа директна линија ќе значи многу за туризмот, но и за развој на бизнисот и комуникациите, затоа што многу конектинг летови ќе одат преку Истанбулскиот аеродром.

Тоа е голема шанса за целиот регион и за Охрид, Струга, Кичево, Битола, но и за соседна Албанија. Очекувам бројни жители на соседна Албанија да го користат Охридскиот аеродром. Ќе продолжиме во оваа насока. Подршката ќе продолжи и во периодот што следува, и секако со завршувањето на автопатот, прво со делот Охрид Кичево, потоа деловите Кичево – Букојчани, Букојчани – Гостивар, Гостивар – Тетово и едно и целосно автопатско поврзување, мислам дека Охридскиот аеродром ќе има комплетно нова димензија и многу повеќе патници, рече Николоски.

Турскиот амбасадор Фатих Улсој во своето обраќање изрази сочувство за трагедијата во Кочани и истакна дека по трагичниот настан врз основа на барањето на властите во РСМакедонија со амбулантните авиони на Турција 12 млади лица повредени во пожарот беа испратени на лекување во Турција.

Летот Истанбул Охрид верувам дека уште повеќе ќе ги зајакне врските меѓу Турција и Македонија во транспортот, економијата и туризмот. Турција и Северна Македонија се две земји кои меѓусебно се поврзани со длабоко вкоренети историски и култутни врски и кои негуваат однос на високо ниво. Знаеме дека Турција е меѓу најзначајните трговски партнери на Македонија и во овој контекст сметам дека развојот на инфраструктурната мрежа е од огромно значење за обостраниот развој на инвестициските можности и зајакнување на врските меѓу бизнис заедниците. Актуелно на релацијата Истанбул – Скопје, вклучувајќи го и „Туркиш ерлајнс“ имаме над 30 летови неделно. Среќни сме што оваа бројка ќе порасне со летовите во Охрид. Со овој лет во Охрид нема да патуваат само патници од Турција туку и транзитни патници од разни светски региони. Новата линија која ќе сообраќа 4 пати неделно и ќе даде значаен придонес во зајакнување на поврзуваноста меѓу Турција и Македонија и меѓу нашите братски и пријателски народи, претставува радосна вест не само за Македонија, туку и за целиот Балкански регион. Охрид како бисер Балкански и на Северна Македонија е еден од најзначајните културно-туристички дестинации на земјата. Со секоја мината година расте бројот на турски туристи, кои покрај Скопје го посетуваат и Охрид. Лани над 280 илјади турски туристи од Турција ја посетиле земјава, а близу 250 илјади македонски ја посетиле Турција, потенцираше Улсој.

Главниот извршен директор на „Туркиш ерлајнс“ Билал Екси во обраќањето изрази сочуство за загинатите во трагичниот настан во Кочани и посака брзо заздравување на повредените. Потенцираше дека првиот лет Туркиш ерлајнс почнал во 1998 година во Скопје, а во моментот вклучувајќи го и Ажет, нивната втора компанија, опслужуваат 18 линии кон Македонија.

Денес со гордост би сакал да истакнам дека отпочнувајќи со оваа втора дестинација во Македонија, „Туркиш ерлајнс“ како што е познато и во Гинисовата книга на рекорди е авиокомпанија која лета кон најголем број дестинации/земји во светот. Со ова освен гостите од Истанбул ќе можеме да донесеме гости во Охрид од многу повеќе краишта во светот и охриѓани користејќи ја нашата линија ќе можат да стигнат до шест различни континенти. Со задоволство сакам да истакнам дека во моментот летаме кон 131 земја во светот опслужувајќи 323 дестинации и со квотата од 480 авиони со кои располагаме сме 9-та најголема компанија во светски рамки. Ние не превезуваме само патници. Ги зближуваме различните култури, од трговијата до културата и спортот овозможуваме различните култури и патници да го видат нашето гостопримство. Меѓу нашите народи има силни и роднински врски. Ќе ми причинува гордост што ќе можеме со овие 4 летови неделно да допринесеме во зближувањето на двете земји. Охрид со своите природни убавини ќе биде наша нова дестинација која ќе ја опслужуваме како најдобра избрана авиокомпанија во Европа. Би сакале да ги пречекаме граѓаните од Охрид преку нашиот лет во Истанбул, посочи Екси.

Главниот извршен директор на „ТАВ Аеродроми“, Серкан Каптан посочи дека Охрид е еден град кој навистина е многу богат со природни и историски знаменитости и е на листата за заштита на УНЕСКО.

ТАВ Аеродроми оваа година прославува 15 години од оперирањето на аеродромите во Македонија. Со задоволство сакам да кажам дека направивме инвестиција од 300 милиони евра и бројот на патници го зголемивме за 4 пати откако го преземавме. Во соработка со властите допринесуваме за развојот на авиосообраќајот во земјата. „Туркиш ерлајнс“ како национален превозник на Република Турција, кој е еден од главните превозници за Охрид ќе сообраќа четири пати неделно и ќе допринесе за зголемувањето на бројот на патници. Благодарение на мрежата која што ја има и опслужува најголем број дестинации во светот „Туркиш ерлајн“ ќе допринесе Македонија да се поврзе и со многу други земји во светот, истакна Каптан.

На денешниот настан присуствуваа и градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков, како и пратениците во собранието Сашо Донев и Лидија Петкоска.

Инаку, летовите на линијата Истанбул – Охрид ќе се реализираат четири пати седмично и тоа во понеделник, четврток, петок и недела.

Фото галерија:

Н.С.Ј.

фото. А. Момироска