Фотографијата „Камења на плажа“ од охридскиот фотограф Пеце Настевски, која е снимена на Охридското Езеро е издвоена за најдобра меѓу најдобрите за 2014 година во категоријата „Пејзажи“, на интернет страница www.pixoto.com која објавува висококвалитетни уметнички фотографии.

Авторот на фотографијата вели дека е многу изненаден и задоволен од успехот кој го постигнала неговата фотографија.

-Фотографијата е дел од мојата колекција на фотографии кои се направени  во услови на слаба светлина, во кои што јас најмногу сакам да работам. Многу сум задоволен што токму мојата фотографија направена од мој уметнички израз успеа да се издвои и наметне како најдобра меѓу огромниот број поставени пејзажни фотографии на таа интернет-страница. Навистина ова беше неочекувано за мене, изјави младиот Настевски.

Овој 26-годишен фотограф своите афинитети кон фотографијата како уметнички израз ги покажувал уште од најмлада возраст, но посериозно започнал да се занимава со уметничко фотографирање последните години, откако успеал да набави поквалитетна опрема. Инспирацијата за уметничката фотографија тој најчесто ја црпи од рок-музиката, во која ги наоѓа мотивите за секое од неговите дела и креации.

Покрај фотографирањето, Настевски работи и на изработка на уметнички насловници за изданијата на охридските музички групи.

OhridNews