Охридскиот Архив во соработка со Општина Охрид, градоначалникот Кирил Пецаков и во координација со проф. Наум Аслимоски ќе претстави дел од архивскиот фотографски материјал по повод Охридскиот пливачки маратон.
На изложбата, вели директорот на Архивот, Никола Митровиќ Бабе, ќе бидат претставени над педесет фотографии од првиот Охридски пливачки маратон, а целта е да се прикаже како се одржувала манифестацијата тогаш и воедно да се збогатат содржините на маратонот.
Ќе бидат изложени 7 паноа во секое по околу 8 фотографии на кои се претставени учесниците на маратонот, начинот на кој се подготвувале пред трката, начинот на пливање, добивање храна при пливањето, пристигнувањето на пливачите на целта и одредени фотографии од церемонијата за прогласување на победникот, вели Митровиќ.
Додава дека претходел процес на истражување и селекција на фотографиите кои да бидат изложени, потенцирајќи дека овие фотографи првпат ќе бидат претставени пред јавноста.
Сакаме да го подобриме квалитетот на претставувањето на Охридскиот маратон, имајќи во предвид дека Охридскиот архив има огромен број фондови, меѓу кои и од охридскиот фотограф Коста Андоновски од кој се застапени фотографии од првиот Охридски маратон. Поседуваме негов фонд, а дел од неговиот фотографски опус има и за Охридскиот пливачки маратон, вели Митровиќ.
Изложбата со фотографии ќе биде поставена утревечер на плоштадот „Табана“ во 19 часот, а во петок од 11:40 во Центарот за култура „Григор Прличев“ Охрид.
Н.С.Ј.