Фотографии од црквата „Свети Јован Канео“, манастирот „Свети Наум“, Студенчишкото блато и стариот дел на Охрид направени во 30-те и 50-те години од страна на големиот пријател на Охрид и Македонија А. Ден Долард, се дел од изложбата која беше отворена вчеравечер во Куќата на Уранија  во Охрид.

На изложбата која ја организира Македонската академија на науките и уметностите-МАНУ, како дел од „Научно и уметничка визита – 2015″, се претставени околу 60-тина авторски фотографии на Ден Долард, кои за прв пат се изложени пред очите на јавноста.

-А. Ден Долард на најспецифичен начин успеал да фотографира и да ги овековечи со својата камера дел од најважните знаменитости и локации во Охрид, но и во другите градови на Македонија. Често на неговите фотографии е застапен и македонскиот фолклор и начинот на кој живееле луѓето во тоа време. Тој имал желба и одлучил да биде еден сведок на нешто што било во минатото, кое благодарение на неговите фотографии може да го видиме денес, истакна академик Милан Ѓурчинов, во рамки на својот говор на свеченото отварање на изложбата.

Раководителот на Архивот на МАНУ Љубомир Ѓоревски рече дека академијата располага со над 500 слајдови со авторски фотографии на А. Ден Долард.

Во Архивот на академијата делата на Ден Долард се донесени во 1995 година и освен неговите романи кои се напишани на холандски јазик има и над 500 слајдови со фотографии. Сите овие фотографии ние ги дигитализиравме и издвоивме еден потесен избор од 60-на слајдови кои ги ставивме на хартија и одлучивме да ги презентираме пред јавноста. Сите изложени фотографии се направени на различни локации на територијата на Република Македонија и датираат од раните 30-ти години до раните 50-години од минатиот век, рече Ѓоревски.

Иаложените фотографии ќе може да се разгледаат до почетокот на август 2015 година.

Во рамки на програмата на „Научно и уметничката визита 2015“ на 18-ти јули ќе има промоција на книгата „Македонската Глаголица” од академик Ѓеорѓи Поп-Атанасов, додека на 22-ри јули ќе се одржи предавање на академик Милан Ѓурчинов за великанот на Македонската уметничка проза- Живко Чинго, по повод 80 годишнината од неговото раѓање.

Е.М