Охрид денес и утре домаќин на четвртата Меѓународна едриличарска регата Охрид 2024 во организација Здружението за спортско едрење „Акватика Јахтинг”- Охрид.

На регатата која официјално беше отворена денес учество земаат натпреварувачи од клубови од Македонија, Србија и Турција.

Чест и задоволство, но и одговорност е да се организира еден ваков спортски настан кој го воздигнува на пиедесталот не само едриличарството како спортска дисциплина која плени со својата уникатност како спорт преку кој истовремено извираат и грациозноста и адреналинот, туку и градот Охрид кој освен што е познат како град на културата и уметноста, полека, но сигурно станува препознатлив и како град на спортот и спортскиот туризам. Да се организира еден ваков настан од меѓународни рамки не е воопшто лесно, но ентузијазмот, желбата и љубовта да се успее кои преовладуваа кај секој еден од нас покажаа дека секоја препрека може да се надмине, истакна претседателот на „Акватика јахтинг“, Стефан Ставрев.

Воедно упати благодарност за поддршката до Општина Охрид и Агенцијата за млади и спорт, како и до сите спонзори.

Овие два дена срцето на Охрид нека бие во ритамот на далгите и ветерот, а тие нека го преточат ова збиднување во традиција наречена Македонска едриличарска регата, бидејќи Охрид, Македонија и сите ние го заслужуваме тоа, рече Ставрев пред да ја прогласи за регата за отворена.

Пред присутните како претставник од Општина Охрид се обрати Јоне Станкоски кој потенцираше дека денес на ова прекрасно место се собрани љубителите на водата и едрењето кои ја делат истата страст.

Оваа регата не е само натпревар, таа е можност за создавање нови пријателства, размена на искуства, но и уживање во природата која не опкружува во убавините на нашето Охридско Езеро. Вашата посветеност и љубов кон едрењето го прават овој настан посебен кој од година во година станува помасовен и попосетен со натпреварувачи кои доаѓаат од странство, рече Станкоски.

Меѓународна едриличарска регата Охрид 2024 се одржува во рамки на годинешното издание на Ohrid Water Festival.

Четврта Меѓународна едриличарска регата Охрид 2024

Н.С.Ј.

фото. А. Момироска