Во пресрет на големиот христијански празник  Велигден, денеска на плоштадот „Крушевска Република“ традиционално се одржува Велигденскиот базар.

Присутните на бројните тезги имаат можност да купат велигденски украси, сувенири и традиционални македонски специјалитети.

Заменик градоначалникот на Општина Охрид, Перчо Божиновски, изрази задоволство што Велигденскиот базар и оваа година се одржува во знакот на хуманоста и ќе даде можност сите заедно да ја покажат сопствената солидарност и да дадат несебична помош онаму каде што е најпотребно.

Денес со купување на ракотворбите и производите кои се изложени на базарот стануваме дел од една значајна мисија и стануваме позитивен пример за идните генерации, кои треба да ги воспитуваме во духот на најважните животни вредности, а тоа се љубовта и милосрдието. Вашето малку за некого може да значи многу, па затоа ве повикувам да го поддржите овој настан и заедно да покажеме дека Охрид отсекогаш бил сплотен во хуманоста и  покажувал човекољубие на дело.  Се надевам дека овој настан ќе продолжи да се организира и во иднина и дека ќе стане важен дел од туристичката разгледница на нашиот град, рече Божиновски.

Директорот на ЈП „Градски пазар“ Александар Попоски ја потенцираше големата заинтересираност за учество на изложувачите на тезгите, додавајќи дека покрај промотивен базарот има и хумана мисија.

Суштината на овој базар е локалните производители на традиционални македонски специјалитети, фирми, занаетчии да ги промовираат своите производи и со тоа да станат дел и од хуманата мисија. Велигденскиот базар покрај промотивен карактер има и хуманитарен. Посетителите на поставените тезги ќе можат да купуваат македонски производи, сувенири, украси и со тоа да станат дел од оваа хумана мисија. Сите средства кои ќе бидат собрани ќе бидат донирани во ОО Црвен крст Охрид и истите распоредени таму каде ќе има најголема потреба. Со Велигденскиот базар се збогатува и туристичката понуда на градот. Оваа година бевме изненадени од големиот интерес кај учесниците. Очекувавме помалку, но се пријавија околу 24 учесници. Се надевам дека во иднина овој базар ќе станува се помасовен. Апел до сите ЈП и приватни фирми да земат учество во наредните години за да станат и тие дел од оваа хумана мисија, додаде Попоски.

Со свој штнад на Базарот и ОО на Црвен крст со кутија за донации каде што секој посетител има можност да даде своја донација за помош и поддршка на ранливите категории граѓани, во духот големиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден.

Целта на овој базар е да се одбележи Велики Четврток и празникот Велигден, но и да се соберат средства за социјално загрозените семејства од Охрид и Дебрца. Имаме неколку семејства со коишто работиме токму овој период и овие донации ќе се добредојдени за помош на тие семејства. Традиционално со пауза од две години во соработката со Општина Охрид го организираме Базарот и стоиме на располагање за сите активности кои се во насока на хуманоста, вели претседателот на Црвен крст Охрид Сашо Точков.

Велигденскиот базар е збогатен со културно-уметничка програма на која учествуваат КУД „Ѓердан од бисери“, „КУД „Ѓердан“, КУД „Отекс“,; КУД „Фаланга“, КУД „Филиграни“, КУД „Илинден“, учесниците на детскиот – музички фестивал „Распеано рибарче“, малите ѕвездички со КА – Двојче, најмладите од детската градинка „Јасна Ристеска“ и учениците од општинските основни училишта.

Баразот се организира по седми пат во организација на Општина Охрид во соработка со ЈП „Градски пазар“.

Н.С.Ј.

фото. А. Момироска / Бобан Стојаноски