Во тек се градежни активности за рехабилитација на патот Охрид – Св. Наум. Сликата денес на терен покажува дека се санираат делови од патот на места каде имаше оштетувања и ударни дупки и се кастрат дрвја и гранки кои зафаќаа во патот и го отежнуваа сообраќајот особено во сезона.
Рехабилитацијата на овој патен правец започна во октомври минатата година, со цел како што најави директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Ејуп Рустеми граѓаните да добијат достојна сообраќајница, но и да се зголемени безбедност за сите учесници во сообраќајот.
Со оглед дека станува збор за пат изграден пред повеќе од седум децении, а потоа речиси заборавен, особено по осамостојувањето на земјава, регионалниот пат Охрид – Св. Наум, кој е главна сообраќајна артерија на источното крајбрежје на Охридското Езеро, во лето претставува голема опасност како за охриѓани, така и за туристите. Неодржувањето и густата вегетација за која исто така никој не се грижеше дополнително го прават овој пат уште понебезбеден.
Со проектот, како што информираа од Јавното претпријатие за државни патишта не е предвидена реконструкција, туку е предвидена рехабилитација и поправка на постоечкиот пат.
Рехабилитацијата и поправката на државниот пат Р1301, делница: Охрид – Свети Наум, подделница Коњско – ГП Свети Наум ќе чини 9.75 милиони евра. Рокот предвиден за изведување на градежните работи е март 2025 -та.
Н.С.Ј./Г.М.