Со света архиерејска литургија со која чиноначалствуваше митрополитот Дебарско – кичевски г. Тимотеј, во катедралниот храм Св. Софија, беше одбележан споменот на светите маченички Љубов, Вера и Надеж и нивната мајка Софија.

На литургијата што се одржа утрово, присуствуваа голем број верници. Според обичајот тие запалија свеќи и се помолија за здравје. 

Трите сестри Љубов, Вера и Надеж и нивната мајка Софија живееле во Рим во времето на императорот Хадријан, во првата половина на вториот век по Христа. Во тоа време биле вршени големи прогони на христијаните, и тогаш биле приведени и Софија и нејзините три ќерки Љубов, Вера и Надеж. 

Заради одбивањето да принесат жртви пред празниот идол на Артемида, Љубов, Вера и Надеж биле ставени на маки пред очите на нивната мајка и најпосле им биле отсечени главите. Мајката Софија ги зела и ги закопала телата на своите три ќерки и откако поминала три дена и ноќи во молитви над нивниот гроб, го предала својот дух на Бога.

По повод празникот денеска во 14.30 часот ќе се одржи богослужба и во малата црквичка посветена на великомаченичките во населбата Лагадин.

OhridNews