Охриѓани и туристите кои деновиве минуваат по Мостот на желбите треба да внимаваат каде газат, затоа што подната конструкција мостот е оштетена на неколку места. Минувачите коментираат дека оштетувањата треба што поскоро да се санираат, бидејќи може да бидат опасни и да предизвикаат проблеми.

Според најавите на властите, на местото на Мостот на желбите односно од Охридското пристаниште до црквата  „Св.Јован Канео“ во иднина ќе треба да никне модерна пешачка патека. За таа цел Министерството за транспорт и врски на 28-ми ноември 2014 година објави Јавен оглас за изработка на проектна документација за изградба на оваа пешачка патека.

Градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески во септември 2014 година изјави дека во зависност од проектот за изградба на новата пешачка патека ќе се знае дефинитивната судбина на „Мостот на желбите“.

-Според она какви беа размислувањата на луѓето кои што се занимаваат со оваа тематика, овој мост е потполно небезбеден за пешаците кои што минуваат по него. Ние во овој период се надеваме дека ќе успееме во соработка со стручни лица да извршиме некои корекции во насока на подобрување на безбедноста на овој мост се до конечна реализација на проектот за изградба на пешачка патека. Навистина во овој момент не можам да претпоставам дали мостот на желбите ќе биде претходно отстранет, дали ќе се искористи дел од градбата. Навистина ние не можеме да си дозволиме да ја доведеме во прашање безбедноста на нашите граѓани, изјави Бакрачески на 29-ти септември 2014 година.

Инаку неколку пати до сега од страна на локалната самоуправа беше најавувано дека изградбата на пешачката патека до црквата „Св. Јован Канео“ се очекува да заврши во 2016 година.

OhridNews