Во пресрет на големиот христијански празник Велигден, денеска на плоштадот „Крушевска Република“ традиционално се одржа Велигденскиот базар и хуманитарниот концерт. На поставените бројните тезги присутните имаа можност да купат велигденски украси, сувенири и традиционални македонски специјалитети, а средствата ќе се наменат за хуманитарни цели.
Заменик градоначалникот на Општина Охрид, Перчо Божиновски, изрази задоволство што Велигденскиот базар и оваа година се одржува во знакот на хуманоста и ќе даде можност сите заедно да ја покажат сопствената солидарност.
Велигденскиот базар и оваа година како и претходно е од традиционален карактер и секогаш ја пренесува онаа порака на хуманост, среќа и љубов, порака која треба преку хуманост да ја пренесеме на идните генерации. Збогатувајќи ја туристичката сезона и збогатувајќи ги овие празнични денови за Велигден, навистина ќе биде од корист тоа што ќе можат не само туристите, туку и нашите граѓани да видат што можат да понудат локалните производители, што може да презентираат не само туристичките агенции, туку и институции, сите оние фирми кои покажуваат хуманост и среќа и со помош на оние ракотворби кои ќе ги изработат, а граѓаните ќе ги купат средствата да бидат донирани на оние на кои им се најпотребни, додава Божиновски.
Директорот на ЈП „Градски пазар“ Александар Попоски истакна дека суштината на овој базар е локалните производители на традиционални македонски специјалитети, фирми, занаетчии да ги промовираат своите производи и со тоа да станат дел и од хуманата мисија.
Традиционално како и секоја година ЈП „Градски Пазар“ и Општина Охрид организираме Велигденски базар и концерт. Целта на Велигденскиот базар е хуманитарна. Имаме вкупно околу 15 учесници, а средствата ќе бидат наменети за хуманитарни цели и донирани таму каде што се најпотребни. Од година во година станува се помасовен, се надевам така и ќе продлжи, додаде Попоски.
Со свој штнад на Базарот беше и ОО на Црвен крст со кутија за донации каде што секој посетител имаше можност да даде своја донација за помош и поддршка на ранливите категории граѓани, во духот на големиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден.
Како и секоја година Црвен крст Охрид е на Велигденскиот базар. Карактеристика за оваа година е што учествуваат членови на програмите „Најди време“, „Промоција на хумани вредности“, Клубот на млади со свои креации, изведби. Мислам дека можеме да го понудиме тоа што и натаму ќе биде знак на Црвениот крст, но и знак на Охрид, знак на заедничкиот Базар кој го правиме со Општината, со сите овде, хуманитарци и добри луѓе кои денес сме овде. Сите луѓе кои се тука и ќе донираат, средствата ќе бидат наменети за хуманитарни цели за луѓе на кои им е потребна помошта на Црвениот крст, рече Љупчо Милкоски од Црвен крст Охрид.
Учесниците на Базарот кои своите изработки и храна ги продаваа на поставените тезги велат дека задоволство е да се учествува на Базарот кој пред и се има хуманитарен карактер.
- Секоја година традицонално со нашите ученици изработуваме изработки за Велигден, Нова година, 8-ми Март и организираме претежно во нашето училиште. Но, оваа година решивме да ги изложиме нашите изработки овде на Базарот. Станува збор за изработки од учениците и наставниците. Заедно работиме на часови кои ги користиме за креативна работа. Секоја година правиме нови креации. Дел од средствата ќе бидат за хуманитарни цели, а дел пренаменети за материјали за изработка за наредна работилница, вели Павлина Гаврилоска Палоска од ООУ „Дебрца“.
- Како претставници од ОУ „Ванчо Николески“ секоја година учествуваме на базари без разлика дали се хуманитарни или општо средствата се за училиштето. Оваа година исто така учествуваме. Изработките се на ученици и на родителите, вели Сашо Климоски, директор на ОУ„Ванчо Николески“.
- Секоја година учествуваме на Базарот, нудиме разни слатки и посни и мрсни, велигденски колачиња, чизкејк, посни без масло, пиварки, тиаголник со вишна… Голема е посетеноста и ме радува тоа што секоја година се одржува и би сакала да продолжи и во иднина, вели Елена Зенгоска од слаткарница „Гордана“.
Покрај продажно-изложбениот дел беше реализирана и културно-уметничка програма на која настапија КУД „Ѓердан од бисери“, „КУД „Ѓердан“, КУД „Отекс“, КУД „Фаланга“ и КУД „Филиграни“.
Велигденскиот базар се организира по осми пат од страна на Општина Охрид и ЈП „Градски пазар“.
Н.С.Ј.
фото/ видео. Б.Стојаноски