600 првоодделенци од основните училишта во општините Охрид и Дебрца денес беа дел од Охрид трчаТ Детската трка. Со голем спортски дух во себе овие мали дечиња уживаа во спортот, забавата и дружењето.
Пред почетокот на официјалниот дел од трката каде децата трчаа поделени во групи, претходеше загревање. Детски џагор и смеа на терените на градскиот стадион ја дополнуваа и така преубавата атмосфера.
Настанот беше збогатен и истиот започна со изведување на химната од дечињата на дескиот хор „Бамбино“.
Претседателот на АК „Охрид трчаТ“ Иван Цветкоски упати благодарност до двете општини и сите училишта коишто го поддржаа овој настан.
600-тини децата да имате на еден настан нема поубава глетка. Најголемата детска трка во Македонија и посебно сме горди што сме дел од истата. Децата се превозбудени верувам и родителите и ние исто. Нема поубав настан од овој, рече Цветкоски пред почеток на трката.
Градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков потенцираше дека радува фактот што бројот на учесници е многу голем посебно во ерата на технолошката зависност, да се видат многу дечиња на едно место и притоа да практикуваат спорт е фасцинантно, за што рече оддава големо признание и пофалба на организаторот АК „Охрид трчаТ“.
Веќе втора година по ред доаѓаме тука и го одбележуваме Денот на физичката активност. За радоста да биде поголема оваа година на манифестацијата учествуваат деца од две општини за што упатувам благодарност до наставниците и градоначалникот Зоран Ногачески. Испраќам кратка порака до сите учесници и натпреварувачи на трката: „Не е важно на кое место ќе завршите денес, поважно е да се биде посветен во себе надоградувањето. Важно е да се создадат пријателства, да се понесат убави спомени од денешниот настан. Упорноста, тренингот и посветеноста се клучот. Резултатот и пиедесталот доаѓаат како „шлаг на тортата“. Денес овој ден слободно можам да го наречам празник за очи и душа. Детскиот џагор на спортските терени буди надеж дека на Охрид му претстои светла спортска иднина, рече Пецаков.
Првачињата ја трчаа 100 метри долгата патека, а победници немаше бидејќи сите беа победници и медали имаше за сите.
На Детската трка учеството беше бесплатно и за сите учесници АК „Охрид трчаТ“ обезбеди маица, медал (финишер), вода и секако подароци од партнерите на детската трка. Охрид трчаТ Детската трка се одржа втора година со ред со надеж традицијата да продолжи и следните години.
Фото галерија:
Н.С.Ј.
фото. Б. Стојаноски
видео. Г.М