И оваа година, по јубилеен десетти пат, првиот информативен интернет портал кај нас „оhridnews.com“ на пригодна свеченост, вчеравечер, во Кадмо бар, ја промовираше Годишната ревија на настани и ги наградени успешните приказни кои ја одбележаа 2023 во Охрид.

OhridNews 17 години остана препознатлив симбол за објективно и професионално информирање со висок степен на доверба, а потврда за тоа се илјадниците лојални читатели и бројните задоволни клиенти кои веќе 17 години со успех ги промовираат своите услуги и производи на креативните платформи на OhridNews, истакна на свеченоста Горан Момироски, основач и главен и одговорен уредник на OhridNews.

Да се биде чекор пред сите не беше лесно ниту пред 17 години, не е ни сега. Тоа е мотото кое не влече напред низ годините свесни за предизвиците кои ги носи новото време. Остануваме цврсти на определбата својот имиџ да го градиме со професионален однос кон работата, почитувајќи ги етичките и еснафските норми во известувањето врз база на точни и проверени информации. По десетти пат OhridNews ја издава Годишната ревија на настани, во која ги издвојуваме и успешните охридски приказни кои се позитивен пример во заедницата, рече Момироски.

За „Подвиг на годината“ OhridNews и врачи признание на охриѓанката Симона Трповска која во морските води кај „Gili Trawangan“, најголемиот од трите малечки острови во близина на живописниот брег на Бали, Индонезија, на два пати го подобри рекордот во техничко нуркање на Македонија, поставен во 2022 година во Египет каде тогаш таа се спушти на длабочина од 102 метри. Најпрвин на 4 август Симона се нурна на 104 метри, а два дена подоцна се спушти на длабочина од 117 метри, поставувајќи нов македонски рекорд.

Ова признание ми е поттик и за понатамошни успеси. Морам да признаам дека и покрај што сум горда на себе што успеав да ги надминам претходните постигнати длабочини, во текот на ова нуркање не ми беше најбитна длабочината, туку да ја испочитувам техничката процедура. Ова ми е основа за понатамошните нуркања, рече во видео обраќањето Трповска.

Младите спортисти од Таеквон-до клубот „Хва Ранг ИТФ” од Лескоец 2023 година ја испишаа со златни букви. Оваа година освоија бројни одличја на значајни меѓународни натпревари (Зворник, Софија, Острава), што само го потврдува квалитетот што овој спортски колектив го поседува, а кој го сочинува и костурот на македонска таеквон-до репрезентација. OhridNews признанието за „Спортска приказна на годината“ му го додели на  ТК „Хва Ранг ИТФ”.

Се надеваме дека ќе ја оправдаме довербата на сите и наредните години што идат пред нас. Огромна благодарност до OhridNews за медиумската поддршка, генералниот спонзор ПН Метал што ни го трасира патот до врвот, Агенцијата за млади и спорт и Општина Охрид, рече Марјанчо Лазаревски, претседател на МТТФ.

„Признание за трајни вредности“ OhridNews годинава му додели на култниот ресторан „Св. Софија“ на охридското семејство Пендовски, кој триесет и пет години испишува успешна угостителска приказна и е омилено место на генерации охриѓани и намерници од сите страни на земјава и светот. 

Успехот на ресторанот „Св. Софија“ без сите охриѓани не би бил тој. Се надевам дека во иднина и другите угостителски објекти, сите заедно ќе го направиме Охрид една туристичка Мека, тоа што навистина го заслужува Охрид. Сведоци сме годинава дека имавме добра сезона, се надевам до година ќе биде и подобра. Угостителството е тешко, но од друга страна е многу слатко и убаво, рече Митко Пендовски сопственик на „Св. Софија“.

Културно уметничкото друштво „Отекс“ од Охрид четири децении успешно ги негува фолклорот и традицијата, а годинава го одбележа јубилејот 40 години постоење. За својот придонес КУД „Отекс“ го доби признанието за „Чувари на традицијата“.

Како Институција за фолклор имаме задача да ја чуваме и негуваме оваа наша традиција. Така и ќе продолжиме, со Вашата доверба се надевам дека ќе постигнеме уште подобри резултати, рече Бојан Трајчески од КУД „Отекс“.

Културолошката иницијатива „5 до 12“ пет години успешно ја збогатува и надградува културната сцена во Охрид, а оваа година одбележа пет години успешна „Културна приказна“. За успешна „Културна приказна“ во градот признание OhridNews додели на  КИ „5 до 12“.

Иницијативата годинава одбележа пет години, а од почетокот до сега прерасна за нас во нешто многу големо. Среќни сме што се препознава кај луѓето, посебно кај младите и тоа што е најважно за нас е дека културата треба и расте со младите, рече Јован Цветкоски од КИ „5 до 12“.

На свеченоста во прекрасниот амбиент на Кадмо бар, присуствуваа видни гости, пријатели и поддржувачи. Настанот беше збогатен со настап на исклучителниот охридски бенд „Ника“.

Печатеното издание на Годишната ревија на настани на OhridNews 2023 што излезе во издание на печатницата „Коста Абраш“, во која се поместени најзначајните настани што ја одбележаа годината што изминува, деновиве бесплатно ќе биде дистрибуирано до читателите, а во дигитална верзија ќе биде достапна на веб страната на OhridNews.

Наградени најуспешните приказни во Охрид

OhridNews

фото. А. Момироска