На свеченост што се одржа вечерва на плоштадот кај Долна порта во центарот на Охрид, беа претставени учесниците на 35 издание на Охридскиот пливачки маратон.
Оваа година на маратонот ќе пливаат осум натпреварувачи од пет земји: Франческо Гетини од Италија, аргентинците Матијас Диаз Хернандез и Рита Ванеса Гарсија која е единствен женски натпреварувач, Арне Фурлан Шутлар од Словенија, Сидрит Деску и Арион Будима од Косово и македонските пливачи Александар Илиевски и Евгениј Поп Ацев.
Маратонците ги поздрави градоначалникот на Општина Охрид Кирил Пецаков кој потсети на важноста на оваа престижна спортска манифестација, упатувајќи јавна благодарност до сите пливачи кои прифатија да учествуваат на маратонот оваа година.
Охридскиот пливачки маратон годинава одбележува 60 години од првата трка која го стави Охрид на светската пливачка мапа, како една од најпрестижните и најпосакуваните дестинации за пливачките витези. Вечерва ќе се потсетиме на охридските пливачки легенди, Атина и Дики Бојаџи, Климе Савин, Нико Нестор, Ристо Бимбилоски, Александар Леко Радич, Насте Јончески, па се до нашиот најмлад спортски херој Марко Пејчиновски, имиња кои го прославија Охрид. Тие ни оставија аманет да ја продолжиме славната традиција. Годинава иако со бројни потешкотии успеавме да го организираме овој значен светски пливачки настан и да покажеме дека Охрид и охриѓани знаат и умеат да ги почитуваат и одржуваат традициите и покрај сите искушенија. – рече градоначалникот Пецаков.
Градоначалникот Пецаков додели благодарници на маратонците кои дале голем придонес во афирмирањето на Охридскиот маратон и пливањето како спорт. Дел од нив доделени беа постхумно на семејствата на познатите спортисти.
Благодарници им беа врачени на Дики Бојаџи, Ристо Савин, Насте Јончески а постхумно на Климе Савин, Александар Леко Радич, Славе Филев, Атина Бојаџи и Нико Нестор.
Во рамки на настанот беше отворена изложба на фотографии од маратонот од Државниот архив во Охрид и беше прикажан документарниот филм „Охридските пливачки легенди“ од Љупчо Паункоски.
Охридскиот пливачки маратон ќе се одржи во сабота, 10 септември. Стартот е во 10 часот во Св. Наум, а целта е на кејот во Охрид. Ќе се плива на патеката „Климе Савин долга 25 километри.
Наградниот фонд изнесува 10 000 долари, а го обезбеди Агенцијата за млади и спорт. Сите трошоци околу организацијата на манифестацијата ги покрива Општина Охрид од сопствени средства и со поддршка на спонзори и помагатели.
Организатор на манифестацијата е Општина Охрид во соработка со националната пливачка асоцијација и Агенцијата за млади и спорт, а технички организатор на трката е Клубот за спортови на вода „Охридски бранови 2008“.
Г. Момироски
Фото: А. Момироска
Видео: Крсте Симиџиоски