Со свет чин со кој чиноначалствуваше Владиката Тимотеј во присуство на голем број верници денес на празникот посветен на Свети Јован Владимир беше преосветена единствената црква во земјава посветена на светецот во струшкото село Подгорци.
Црквата била изградена по иницијатива на мештаните од село Подгорци на старо вакавско место. Почната е со градба 1924 година, а завршена е една година подоцна во 1925 година кога била и осветена. Истата година е направен и иконостасот.
Сегашната конструкција на црквата е започната во 2021 година со заложбите и со донација на Владо Пупиноски, а со помош на Иницијативниот и Црковниот одбор од селото.
Храмот е целосно фрескоживописан од зографот Тони Милцов, а реставрацијата на иконостасот е дело на Перо Шутиноски. Поставен е и нов мермерен под и нов престол.
На денешниот свет чин беше извршено и примопредавање на кумството помеѓу стариот и новиот кум, а за присутните верници беше организиран свечен ручек и културно-уметничка програма.
Култот кон свети Јован Владимир е доста раширен кај жителите на Подгорци и околните места. И во минатото традиционално на 4-ти јуни се собирал народот на така наречени софри. Секоја фамилија си имала свој дел околу црквата каде се собирала и организирале ручек.
Преосветена црквата Свети Јован Владимир во Подгорци
Јован Владимир бил кнез, владетел на Дукља, кој во еден период бил заробен од Цар Самоил. Во затворот во Преспа го сретнала ќерката на цар Самоил и се вљубила во него и тој му станува зет. Но, трагично му завршува животот по распаѓањето на Самоиловото царство. Така завршува неговиот овоземен живот, но станува светител и го продолжува животот во царството небесно.
Н.С.Ј./Г.М.
видео/фото. Б. Стојаноски