Со изведба на музичко сценскиот спектакл „Кармина Бурана“ на шпанската продукциска куќа „Ла Фура дел баус“ заедно со оркестарот на Македонската филхармонија и оркестарот, балетот и хорот на Македонската опера и балет, под диригентската палка на Хозеп Висент, синоќа на Античкиот театар, свечено беше отворено јубилејното 55-то издание на фестивалот „Охридско лето“.

Публиката на преполната отворена сцена во срцето на стариот град, уживаше во извонредниот перформанс на уметниците, кои беа наградени со неколкуминутни овации кои завршија со бис на најпрепознатливиот дел од познатата музичка кантата од 20 век на германскиот композитор Карл Орф.

„Кармина Бурана“ на шпанската продукциска куќа „Ла Фура дел баус“ изобилуваше со визуелни ефекти и атрактивни соло и хорски изведби, а амбиентот беше надополнет со пријатни мириси од специјални сценски парфеми за вистинско уживање на публиката.

Овој грандиозен мултимедијален проект на продукциската куќа “Ла Фура Делс Баус“, во ваква форма за прв пат е поставен не само во Република Македонија, туку и во поширокиот регионот. Спектаклот беше надополнет со настап на на тројца врвни оперски уметници – сопранистка Беатриз Дијаз и баритонот Хозе Мануел Дијаз од Шпанија, како и рускиот контратенор Васили Корошев.

Фестивалот за отворен го прогласи покровителот, претседателот на државата Ѓорге Иванов.

– Република Македонија е навистина среќна што веќе 55 години фестивалот „Охридско лето“ е огледало што нè збогатува духовно. Нè збогатува со оние музички, сценски и ликовни дела кои, премостувајќи ги бариерите на просторот и времето, преку изведбите на врвните македонски, европски и светски уметници допираат и до нас. – рече претседателот Иванов.

Во името на уметниците, фестивалската публика ја поздрави истакнатиот македонски театарски и филмски режисер, драмски писател и есеист Љубиша Георгиевски.

-Вечерва на празникот Петровден, Охрид е одново центар на светот зато тука се напластени серија цивилизации. Да се биде граѓанин на Македонија тоа значи културен чин. Според моите сметки ние имаме повеќе од 2500 години тренинг во мултикултурноста.- рече Георгиевски. 

Фестивалот „Охридско лето“ трае до 20-ти август.

OhridNews
Фото: Ѓоко Наумоски