Охрид достоинствено го чествува ликот и делото на Григор Прличев. По традиција во рамки на „Прличевите беседи“ и годинава се одржа свеченоста „Стихови и звуци за Прличев“ во родната куќа на Прличев, којашто пред 20 години беше реновирана и повторно отворена за посетителите.
Пред присутните поддржувачи и почитувачи на ликот и делото на Прличев се обрати градоначалникот Кирил Пецаков кој посочи дека денес се продолжувааат чествувањата за еден од најмаркантните ликови во македонската книжевност и литература, просветител, преродбеник, книжевник и литературен деец, Григор Прличев.
Горди на вториот Хомер, на охриѓанецот Григор кој со поемата „Сердарот“ во некогашната Атина не внесе во небесите и го стави нашиот културен жиг. Денес сме тука во неговата родна куќа за да се радуваме на неговите современици, млади поетски таленти во кој живее современиот Прличев. Григор сам по себе е едно време, една културна епоха, затоа што докажа дека духовното, а не материјалното е вистинското богатство. Денес 165 години по неговото упокојување жив е духот на пожртвуваната Прличева мајка која скромно и чесно го изгледала својот син, а неговиот дедо на 4 годишна возраст го научил да читува и пишува зошто умот кој еднаш е просветлен не може да стане повторно мрачен. Уште тогаш нашиот Прличев знаел дека е слободен само тој што е образован, зошто се што ќе научите станува ваше богатство кое неможе да ви биде одземено. 195 години по раѓањето на Прличев, тука во неговиот дом, јавно се заветуваме дека нема да скршнеме од неговиот пат. Ако тој, скромниот охриѓанец, со острината на своето перо и големината на напишаната реч ги наведна главите на пците гладни и богатите, а празни глави, тогаш и ние можеме да направиме скромни, а големи дела. Никогаш да не дозволиме некој да го коментира нашиот свет македонски јазик, нашето писмо и реч затоа што тие се втемелени во нашиот генетски код и се основа на македонскиот идентитет, посочи Пецаков.
Настанот започна традиционално со звуците на песната „1762 лето“ овојпат во изведба на Влатко и Силви Плевнеш кои со преработката на истата го започнуваат одбележувањето на нивната 35 годишната музичка кариера.
Беа наградени младите поетеси Нина Кузманоска и Катја Крстаноска кои беа први во двете категории на распишаниот литературен конкурс на ОУ „Григор Прличев“, а наградите им ги врачи градоначалникот Пецаков.
Беа подарени и два примерока од книгата „Малиот принц“ од Антоан де Сент –Егзипери, отпечатена во Брајово писмо на НУ Библиотека „Григор Прличев“ и Здружението за слепи лица од Охрид. Од страна на директорката на Библиотеката, Христина Трпеска и Миле Пахоски од Здружението за слепи лица беше изразена благодарност за поддршката и соработката со Општина Охрид.
Среќна сум што со овие примероци од книгите со Брајово писмо од денеска ја збогатуваме нашата се’ уште мала книжевна збирка со дела наменети и приспособени за лицата со оштетен вид. Библиотеката секако во рамките на своите можности и дополнително во текот на оваа година ќе набави уште некоја книга со Брајово писмо. Но со гордост можам да кажам дека нашата фонотека од сопствена продукција има повеќе аудио книги и разговори со охридски автори кои можат да се позајмат и слушнат, рече Трпеска.
Во рамки на настанот беше промовирана единаесеттата книга од едицијата „Охридско книжевно наследство“ насловена „Охридските писатели во книжевната критика“ од авторите проф.д-р Димитар Пандев и Славе Ѓорѓо Димоски и уредникот Митре Велјаноски. Книгите се издаваат со поддршка на Општина Охрид.
За охридските писатели во книжевната критика, за книжевните критичари на авторите од охридското поднебје говореше охридскиот писател Бранко Цветкоски.
Ние денес тука верувам со споделена согласнот имаме полно право да се гордееме на една благородна мисија на афирмација на следбениците на Светиклиментовскиот и Прличевскиот гениј преку генерации современи охридски книжевни творци од сите жанрови што ја започна Општина Охрид со бесценетата едиција од Охридското книжевно наследство, посочи Цветкоски.
Поконкретно на мисијата на најновиот единаесетти по ред том од оваа трезорна културна поредица „Охридските писатели во книжевната критика“. Неговите креатори се етаблирани и во своите литературни домени, Димитар Пандев и Славе Ѓорѓо Димоски, на кои во својата редакторска работа истосилно им се придружи и уредникот Митре Велјаноски, охридски интелектуалец од посебен патриотски гов. Приредувачите на ова книга во предговорот укажуваат со право дека книжевната критика во изминатите речиси осум децении го нагласува високото место на писателите од охридскиот крај во македонската книжевност согледана во нејзиниот севкупен развој, хронолошки и вредносно, историски и книжевно-естетски. Подеталната анализа на критичката рецепција говори дека охридските писатели со своите дела од сите жанрови без зазор и задршка се вбројуваат во најкреативното јадро на македонската книжевна матица денес, потенцираше Цветкоски.
Фото. Општина Охрид
Во рамки на чествувањата утрово беше положено цвеќе пред неговата спомен биста во дворот на ООУ „Григор Прличев“ по што се одржа Панихида на неговиот гроб во близина на црквата Св. Богородица – Перивлепта.
Н.С.Ј.
фото/видео. А.Момироска