Шест децении најстарата секундарна здравствена установа во регионот – Медицинскиот центар во Охрид, се грижи за здравјето на пациентите од градот и пошироката околина, втемелувајќи ги основите на современ организиран здравствен систем на овие простори. На основите поставени од големи лекари, пред се човекољупци и ентузијасти во секоја смисла на зборот, поставени пред и по Втората светска војна, се изнедрува првата генерација доктори: Др. Здравко Захариевски, Др. Ристо Филев, Др. Владо Константиновски и Др. Петрит Аголи, чиј труд и визија прераснуваат во Медицински центар, најпрвин со две оперативно – згрижувачки единици, хирургија и гинекологија, а потоа со сите нишки неопходни за модерна болница каква што денес ја препознаваме Општата болница во Охрид.
Среќен сум што можам лично да им се заблагодарам на докторите од кои ги црпев првите професионални искуства и од кои имав можност, со некои пократко, а со некои подолго да соработувам. Се надевам дека таквиот однос ќе го гради и помладата генерација колеги и колешки на кои им пожелувам многу успешна професионална кариера. Не можам во оваа прилика да не ги спомнам и воедно да не им се заблагодарам на сите вработени во нашата установа без кои не ќе беше можно да се остварат визиите на основачите на Медицинскиот центар Охрид. Голема благодарност на медицинските сестри, техничарите, болничарите, хигиеничарите, возачите, техничкиот сервис и управата кои низ историјата на болницата го дале својот придонес, истакна познатиот охридски хирург Др. Диел Аголи, син на еден од основачите на охридскиот Медицински центар, Др. Петрит Аголи.
Осврнувајќи се на големиот јубилеј, актуелниот директор на Општата болница Охрид, Др. Горан Маркоски, посочи дека приказната на здравствената установа со која сега тој раководи почнала во предизвикувачки услови во сега веќе далечната 1964 година, поради што треба да му се оддаде голема почит на првиот медицински персонал кој несебично и пожртвувано се ставил во служба на граѓаните и нивното здравје.
Денес на прославата на 60 години од постоењето на оваа болница ние како наследници на нашите постари колеги кои биле дел од почетоците на нашата установа можеме само да испратиме силна порака дека нивната идеја и нивниот аманет се живи до ден денес, а наша морална, општествена и човечка одговорност е да ја пренесеме пораката за најблагородната работа на светот на идните генерации, рече директорот на установата Др. Горан Маркоски.
Посочи дека сегашната генерација медицински персонал има должност да го чува и да се грижи за здравјето на нашите сограѓани, пријатели, соседи и сограѓани.
Упатувам апел до нашите помлади колеги да се придружат на нашите редови, да останат дома, затоа што лекувањето и спасувањето на животот на нашиот најблизок со ништо не може да се замени, додаде Др. Маркоски.
Сеќавањата на првите години од работата на Медицинскиот центар во Охрид ги споделија доајените на охридското здравство Др. Томе Дуданов, Др. Верољуб Василевски, Др. Иван Пендов, Др. Томислав Пецаков и Др. Љубе Чифлигароски. Тие се потсетија на почетоците на медицинскиот центар, предизвиците, тешкотиите, развојот и успесите испреплетени со голема пожртвуваност, изразувајќи задоволство што здравствената установа чекори кон модернизација и развој.
Во чест на јубилејот доделени беа повеќе признанија и плакети на истакнати доктори и медицински персонал кои оставиле белег во работата на болницата, на нивните семејства, како и на соработници и колеги од други здравствени установи од градот.
На почетоците на организираното здравсттво во Охрид и формирањето на најстарата болница во регионот, се осврнува и краткиот филм што го изработи Охридњуз во соработка со Лајонс клубот Лихнидос, а на иницијатива на Др. Диел Аголи, во кој се поместени интересни историски факти и податоци, за што се користени значајни податоци од Охридскиот архив, односно на Др. Никола Митровиќ – Бабе и од приватни колекции, за што реализаторите изразуваат голема благодарност. Филмот кој премиерно беше прикажан на свеченоста по повод 60-годишниот јубилеј на Медицинскиот центар Охрид, може да се погледне тука, како и на дигиталните платформи на Охридњуз на Јутуб и Фејсбук.
Краток филм за основањето на организираното здравство и Медицинскиот центар во Охрид
Денес Медицинскиот центар Охрид иако доживеа низ времето неколку трансформации во рамки на општествените промени остана единствена здравствена установа во Охрид која пружа интегрирана здравствена услуга на преку 50 000 охриѓани, израснувајќи во здравствен гигант со 467 вработени од кои преку 63 доктори специјалисти, 37 доктори на специјализација, 5 фармацевти, околу 250 здравствени соработници од сите профили и уште 130 вработени во техничката служба и управа.
Шестдеценискиот јубилеј на Медицинскиот центар Охрид беше одбележан со пригодна свеченост што се одржа синоќа во хотелот „Белведере“ во Охрид, на која присуствуваа доктори, медицински и друг персонал од повеќе генерации, како и гости. Вечерта беше збогатена со музички настап на професор Емилија Маринова и Јане Тодороски.
Фото галерија:
Медицинскиот центар Охрид одбележа 60 години постоење
Г.М.
Фото: А. Момироска
Видео: Наташа Смоковска Јованова/Бобан Стојаноски