На свеченост што се одржа во Кадмо бар, вечерва, првиот информативен интернет портал кај нас „оhridnews.com“, по деветти пат ја промовираше Годишната ревија на настани во која се поместени најзначајните настани и  успешните охридски приказни кои ја одбележаа годината што изминува.

Оваа година наградени беа АСП ПАК, Народен театар, ОЕМУЦ Св. Наум Охридски и Марко Пејчиновски. како пример и мотив за заедницата.

Тие се позитивен пример и поттик за останатите да станат подобри во тоа што го прават и да го дадат најдоброто од себе. Само на ваков начи, со истакнување на вредности, кои се препознаени и ценети во областите во кои делуваат, можеме да ја направиме нашата заедница подобра, поуспешна, затоа што успехот на секој Охриѓанец е и успех на Охрид. – рече главниот и одговорен уредник на Охридњуз Горан Момироски.

Компанијата АСП ПАК го доби признанието за успешна бизнис приказна и општествена одговорност. Оваа специјализирана фирма за производство на вреќи за пакување земјоделски производи, бележи константен развој дваесет и две години, зголемувајќи го обемот на работа и вработени.

Седум проценти од компирот во Европа се пакуваат во вреќите на АСП ПАК кои ги освојуваат и пазарите во северна Америка. Компанијата оваа година произведе конец во должина што може 2,5 пати да ја обиколи земјината топка околу екваторот. Годишно околу 3 милијарди килограми земјоделски производи ширум светот се пакуваат во амбалажа произведена во фабриката на АСП ПАК во Охрид. АСП ПАК е компанија со нула отпад и сите нејзини производи се рециклирачки. Благодарение на дисперзијата на работењето од 2016 година, компанијата произведува електрична енергија од обновливи извори и е целосно енергетски независна.

Од името на компанијата ви благодариме на признанието. Остануваме посветени на работата и развојот на АСП ПАК и во новата година во која на сите граќани на Охрид и Македонија им посакуваме добро здравје и успех. – истакна Кирил Спасески од компанијата АСП ПАК.

Народниот театар Охрид при НУ Центар за култура „Григор Прличев“ е добитник на Признание за културни вредности за придонесот во развојот на културата во градот. Оваа културна институција во 11 години постоење одигра 400 претстави, од кои 35 премиери кои редовно го полнат гледалиштето.

Му благодариме на Охрињуз што ја следи нашата приказна уште од времето кога иницијативата за театар во Охрид беше во зародиш. Оваа награда нека биде поттик оваа културна институција конечно да добие соодветен простор за работа и ќе го зголеми бројот на вработени, а сето тоа во насока на развој како на културата, така и на театарот како крал на сите уметности. – истакнаа актерите Никола Тодороски и Стрезо Стаматовски од Народниот театар Охрид.

ОЕМУЦ Св. Наум Охридски е добитник на Признание за иновативност и развој на образованието.

Благодарни сме што за прв пат некој го вреднува трудот на нашиот колектив. Успесите кои ги постигнува училиштето се должат на вработените и пред се на нашите ученици кои заслужуваат аплауз и, секако на големата поддршка што како установа ја имаме од локалната самоуправа и градоначалникот Пецаков. Училиштето е меѓу првите кое го имплементира дуалното образование во земјата и до сега има договор со 40 фирми од регионот, меѓу кои и со технолошки најнапредните. – истакна директорот на ОЕМУЦ Св. Наум Охридски Сашо Недески..

Аплаузите на крајот од церемонијата ги собра охридскиот супер херој Марко Пејчиновски, кому му беше доделено Признание за спортски подвиг на годината. Марко изминатото лето исплива десет дестинации на Охридското Езеро во должина од 250 километри поместувајќи ги границите на упорноста и истрајноста, и мотивирајќи многумина да веруваат повеќе во себе и во тоа што го прават.

Прво сакам да му се заблагодарам на Охридњуз за оваа награда и мило ми е што има некој што ги забележува сите успеси. Сакам да се заблагодарам на тимот кој беше со мене од почетокот и ви посакувам добро здравје, љубов и среќа во Новата година. – истакна Марко.

Годишната ревија на настани ја отпечати печатницата „Коста Абраш“ од Охрид во тираж од 2000 примероци.

Фото галерија:

Бесплатната Годишна ревија на настани на OhridNews, во наредниот период ќе биде дистрибуирана до читателите, а она порталот ќе биде достапна и дигитална верзија.

Наградени најуспешните приказни во Охрид

 

OhridNews
Фото: А. Момироска/Емил Јовановиќ