Осмото издание на најочекуваниот културно – забавен спектакл и оваа зима во Охрид – „Зимска бајка“, што се одржа синоќа во исполнетиот Центар за култура „Григор Прличев“ во организација на Охридњуз, за миг ги врати охриѓани во 1990-те години.

Бајката ја отворија Dj Face и танчерките од студиото за модерни танци „Бах“ кои со експлозивен вовед не потсетија на ритамот на деведесеттите кој се уште им е омилен на многу генерации.

Домаќини на шоутои и оваа година беа неповторливите Никола Тодороски и Стрезо Стаматовски, алијас „2Mothers Brothers“, кои на спектакуларен начин се појавија на сцената.

Оригинални и спонтани во настапот исполнет со креативен хумор и длабоки пораки, Никола и Стрезо потсетија на трновитиот пат кој македонската држава го изоде во деведесеттите години.

Гостин на вечерта беше извонредниот црногорски стендап комичар Андрија Дабановиќ кој воспостави одлична комуникација со публиката која уживаше во неговиот настап.

Музички во деведесеттите години публиката ја врати бендот на „Зимска Бајка“ со вокалите Каролина Турикашевска и Христијан Тоневски, кој оваа година беше засилен со гудачки квартет, дувачки солисти и хорот „Вокс Лихнидос“. Тие изведоа дел од големите светски хитови и музичари од 90-те години како Ерос Рамазоти, Тина Тарнер, Рики Мартин, Металика, Аеросмит…

Настанот го помогнаа Општина Охрид, АСП ПАК, ПЕ ЛОГИСТИК, Хотел Чинго, Печатница Коста Абраш, Digital Box, Explore Ohrid, Трпе Инвест, Оригинален охридски бисер Талеви, Стоматолошки центар Др. Баткоски, Аптеки Виа Фарм, Пицерија Леонардо, Вила Пупин, Хотел и спа Тино – Охрид, Винарија С&С, ПАП – Охрид, Гостилница Боем, ЗАМП, Куба Либре, Филигран Укоески, Кадмо бар, Оригинален охридски бисер Филеви, Дискотека Инклузивив, Хотел Белведере, Вила Бидера, Жито леб – Охрид, Топ Маркет, Џелатерија Ночолино, Кармен Бауцентар Охрид, Ресторан Острово, ЈП Билјанини извори, Бутик Емили. Организаторот упати голема благодсрност до сите нив како и до Центар за култура „Григор Прличев, Црвен крст, СВР Охрид, како и до бројните волонтери, учесниците и ентузијасти кои помогнаа за успешна организација на настанот. За добриот звук и визуелни ефекти и оваа година се погрижи Лабино саунд.

Заедно создадовме уште една бајковита вечер во Охрид кој уште еднаш покажа дека има капацитет да организира културни настани на највисоко ниво, ги препозната вистинските вредности и ја цени уметноста, истакна продуцентот на манифестацијата и главен уредник на порталот Охридњуз, Горан Момироски.

Настанот го видеодокументираше охридската продукциска куќа Digital Box која изработи кратка креатива, а веќе се подготвува и целосно видео од годинешната Зимска бајка која ќе биде емитувана на Охридњуз и дигиталните платформи на социјалните мрежи за новогодишните празници, што на пошироката јавност ќе и овозможи да ја почувствува магијата на шоуто кое речиси деценија е препознатлив белег на креативната индустрија во Охрид.

И оваа година бајката има хуманитарен карактер. Организаторот во соработка со лајонс клубовите од градот и помагатели обезбедија средства за помош која во соработка со Црвениот крст за претстсјните празници ќе биде донирана на граѓаните на Охрид на кои таа им е најпотребна.

Наскоро OhridNews, ќе ја промовира и Годишната ревија на настани во која ќе бидат поместени најзначајните случувања од 2024 година. На специјален настан кој ќе се емитува во живо на социјалните мрежи и на нашиот портал, ќе бидат доделени признанијата на најуспешните приказни во Охрид во годината што изминува.

Г.М.
Фото: А. Момироска
Видео: Digital Box