Фудбалерите на Манчестер Јунајтед не брилираа но ги освоија трите бодови во Белград победувајќи го Партизан со минимални 1-0 во третата рунда од фазата по групи во најмасовното клупско натпреварување на стариот континент, Лигата на Европа.
Гостувањето на „црвените ѓаволи“ во Белград пробуди голем интерес. Стадионот „ЈНА“, исполнет беше до последно место, а уште стотици љубители на фудбалот останаа пред влезовите после неуспешниот обид да најдат билет.
На почетокот од натпреварот Манчестер Јунајтед имаше блага иницијатива и шанса преку Лингард кој ја погоди стативата. На спротивната страна стативата ја затресе Садик. Пред крајот на првото полувреме Вилијамс фаулиран беше во казнетиот простор и шпанскиот арбитар досуди пенал. Сигурен егзекутор беше Марсијал.
Во вториот дел на теренот постоеше само една екипа. „Црно белите“ го растурија англискиот премиерлигаш. „Црвените ѓаволи“ со голема доза на среќа и неколку фантастични интервенции на голманот Ромеро ја зачуваа мрежата и забележаа победа 1-0.
На стадионот имаше голем број на македонци, а дел од фудбалскиот спектакл беше и OhridNews, кој продолжува со трендот на следење во живо спортски и културни настани од европски и светски рамки.
OhridNews