Бразилецот Матеус Еванжелиста во машка и французинката Каролин Жуис триумфираа на 37. Охридски пливачки маратон. Нашиот Поп Ацев пристигна трет.

Еванжелиста 25 километри долгата патека „Климе Савин“ од Св. Наум до Охрид ја мина за време од 5 часа, 45 минути, 5 секунди, додека времето на Жуис беше 5 часа, 46 минути и 51 секунда.

Двајцата маратонци беа први во својата категорија и на двата спринта во Пештани и Метропол. Французинката Жуис минатата година постигна рекорд на Охридскиот пливачки маратон препливувајќи ја патеката за рекордно време од 5 часа, 5 минути и 59 секунди.

Во машка конкуренција втор на целта пристигна Марсел Схауле од Холандија со време 5 часа 46 минути 50 секунди, само две секунди пред нашиот претставник Евгениј Поп Ацев кој заврши трет со време од 5 часа 46 минути 52 секунди

Втора во женска конкуренција пристигна на целта Мајте Пука од Аргентина со време од 5 часа 52 минути 36 секунди пред Инес Делакроа која пристигна трета со време од 5 часа 57 минути и 18 секунди од Франција.

Првите честитки на победниците на целта на кејот на Охридското Езеро им ги упатија претседателката Гордана Сиљановска Давкова, како и градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков.

Оваа година Охридскиот пливачки маратон беше дел од трките организирани од асоцијацијата „LEN World Aquatics“, според која беше направено рангирање на трката во кое предвид беа земени само времињата на пливачите од Европа.

Рангирање на Охридскиот пливачки маратон според „LEN World Aquatics“ – Мажи:

  1. Марсел Схоутен – Хол
  2. Евгениј Поп Ацев – Мкд
  3. Дукаган Улач – Тур

Рангирање на Охридскиот пливачки маратон според „LEN World Aquatics“ – Жени:

  1. Каролин Жуис – Фра
  2. Инес Делакроа – Фра
  3. Матеа Сумајсторчиќ – Хрв

Временските услови денеска не им беа наклонети на пливачите. Во текот на трката, а особено на стартот дуваше силен северен ветер, а брановите во контра смер им предизвикуваа доста проблеми на пливачите.

На маратонот учество зедоа деветнаесет натпреварувачи, 11 во машка и 8 во женска конкуренција. Трката ја прекина хрватот Марин Могич кој го имаше водството кај Заливот на Коските, а беше и втор во машка конкуренција на првиот спринт кај Пештани. Од трката се откажа и Арион Будима од Косово.

Наградниот фонд на маратонот изнесува 12000 евра, од кои 2000 за најбрзите во двете конкуренции на двете контролни бови, односно спринтови кај Пештани на 13 km и Метропол на 19 km.

Доделувањето на наградите ќе биде вечерва во дворот на хотелот „Палас“ со почеток во 19:45 часот.

Охридскиот пливачки маратон е главен спортски настан на второто издание на фестивалот на водени спортови Ohrid Water Festival. Организатор на маратонот е Општина Охрид со поддршка на Претседателот на Република Македонија, Министерството за спорт и Пливачката федерација на Македонија. Технички организатор на настанот е ПК „Охридски бранови 2008“ од Охрид.

Н.С.Ј.
Фото: А. Момироска
Видео: Г. Момироски. Б. Стојаноски