Дебитантот во Супер лигата Алкалоид, му го нанесе вториот гостински пораз на ГРК Охрид во новото првенство во ракометната Супер лига.
Вечерва во Скопје во салата „Борис Трајковски“ Алкалоид – Охрид 24:22, полувреме 12:11.
Младиот тим на Алкалоид предводен од Кире Лазаров на клупата одигра мотивирано, тактички добро и одлучно. Охрид од друга страна не беше на очекуваното ниво.
Иако вечерва на голот го имаше одличниот Грузиец Цинцадзе, кој оствари 16 одбрани, а турскиот интернационалец Халил Озтурк беше најефикасен на мечот со 8 гола, тоа беше недоволно Охрид да направи нешто повеќе на натпреварот во кој гостите имаа големи осцилации и грешки во играта, кои Алкалоид ги искористи и стигна до третата победа во исто толку кола сезонава во Супер лигата.
Алкалоид го отвори мечот со водство од 1:0 и 2:1, на што Охрид возврати со два гола за 2:3. Домаќинот во продолжение се одлепи на +2, а во 21 минута имаше три гола предност 11:8. Алкалоид во следните осум минути не постигна ниту еден гол, а Охрид три за 11:11. Сепак во финишот Алкалоид постигна гол за минимална предност пред одморот 12:11.
Клучни за исходот на натпреварот беа првите 15 минути од второто полувреме во кои Охрид постигна само 1 гол. Алкалоид направи осетна предност од +5, која можеше да биде и повисока да не беше расположениот Цинцадзе на голот кој го одржуваше Охрид во живот. Во финишот гостите предводени од Озтурк се доближија на два гола негатива, но тоа беше се што успеаја да направат.
Охрид на оваа средба беше без услугите на повредениот Тоше Ончев и новата аквизиција Дејан Шешиќ кој, се уште не е на располагање на екипата.
Во групата А вечерва се одиграа четири средби: Бутел – Струга 27:25, Вардар Неготино – Куманово 24:26, Прилеп – Вардар 1961 19:34 и Алкалоид – Охрид 24:22. Вардар и Алкалоид имаат по 9 бода, Струга и Бутел по 6, Охрид е на 5 место со 3 бода.
Во следното коло од А групата во Супер лигата Охрид му гостува на Куманово, а Алкалоид оди на мегдан на шампионот Вардар.
Фото галерија:
Алкалоид му го нанесе вториот гостински пораз на ГРК Охрид во Супер лигата
Г.М.
Фото: А. Момироска