Да се биде во Вевчани е прекрасно чувство. Убавината на ова место ја прават луѓето кои се топли и непосредни и така е од кога кога доаѓам тука, вели ликовниот уметник Петар Попчев, еден од најстарите учесници на Ликовната колонија „Вевчански видувања“ која по 12 пат се одржува во живописното Вевчани.

Оваа година не знам што ќе ме инспирира, не правам планови, оставам самата инспирација да ме носи. – истакна Попчев.

Годинава на Меѓународната ликовна колонија „Вевчански видувања“, учество ќе земат 25 истакнати уметнички имиња од земјава и светот кои, во наредните две недели во Вевчани ќе црпат инспирација за своите дела.

Ликовната колонија „Вевчански видувања“ со пригодно обраќање ја отвори Александар Спасеноски, кој на истакнатиот академски сликар Ставре Димитров му ја врачи наградата „Порта“. Тој зад себе има 2500 портрети и исклучителен придонес во развојот на уметноста.

Во рамки на колнијата ќе се одржи втората по ред детска ликовна школа во која учество ќе земат над 40 деца, а ќе се реализира и проектот на Шпаркасе банка која на 10 млади надежни уметници од Македонија ќе им овозможи да творат, а нивните дела ќе бидат продадени во хуманитарни цели, истакна Ефимија Угриноска Кукоска од Меѓународна ликовна колонија „Вевчански видувања“.

Во рамки на отворањето во познатиот ресторан „Виа Игнација“ настапија музичките уметници Владо Јаневски и Калиопи, како и познатиот актер Сашко Коцев“.

Запознаен сум со манифестацијата која расте од година во година. Многу ми е драго што има вакви мецени, особено во време на трка по материјалното, кога ваквите работи остануваат некако помеѓу. Овој мецена не помага, тој создава уметнички дела. Многу сум среќен што сум дел од еден ваков проект. – изјави Сашко Коцев.

Делата од ликовната колонија „Вевчански видувања“, ќе бидат изложени низ културните центри во земјата и Белград, Република Србија.

Г.М.