Две Ромчиња вчера го искористија сонцето со „заби“ за да фатат понекоја водна змија или жаба кај кејот од Езерото.

Температурата на водата од само 11 степени не им пречеше боси да газат по плиткото што полека, но сигурно се претвора во бара. Нивото на водата во езерото во текот на оваа година се спушти за неверојатни 70 сантиметри и беше многу блиску до критичната точка 693,10 метри надморска височина.

Само повеќедневните врнежи дожд во последно време помогнаа Езерото малку да се „опорави“. Сега е десетина сантиметри над минималната кота (пред извесно време беше и неколку сантиметри под неа).


Крајбрежието полека се претвора во бара

Многу причини се спомнуваа за ваквата (бедна) состојба во која се наоѓа „најголемиот природен резервоар“ на вода во Европа. Од сушното време до претераниот испуст кај Дрим за потребите на албанската електрика. Сепак, најиритантна е општата рамнодушност кај сите релевантни институции. А ако несовесни граѓани и понатаму продолжат да фрлаат секакви отпадоци тогаш на бисерот на UNESCO му нема спас.

Спаско Костоски