Во пресрет на големиот христијански празник Велигден денеска на плоштадот „Крушевска Република“ традиционално се одржа Велигденскиот базар.
На базарот учество земаа охридските занаетчии, производителите на домашна традиционална храна и трговците кои продаваат велигденски украси.
Воедно беа изложени и креативните велигденски изработки на најмладите од детската градинка „Јасна Ристеска“, на учениците од општинските основни и средни училишта на младите од Младинскиот центар и волонтерите на ОО на Црвен Крст, Охрид.
Ја поздравувам иницијативата да имаме ваков Велигденски базар во очи на нашиот најголем христијански празник Велигден. Секогаш ги поддржуваме ваквите настани и чест ни е што секогаш има интерес кај луѓето да дојдат да испазарат нешто домашно, зготвено, измесено со срце и љубов. Велигденскиот базар има голем одзив и мислам дека и рачните изработки на дечињата, а и храната која се нуди се одлични. Луѓето што ќе си испазарат нема воопшто да згрешат. На нашата тезга има исклучиво посни јадења затоа што сме на три дена пред самиот Велигден, вели Наташа Неданоска од Пирустија „Неданоски“.
Клубовите на Црвен крст Охрид, Клубот на млади и Програмата за грижа за стари лица, работеа активно во последниве недела дена и направија добри велигденски производи кои денес се продаваат по симболични цени, вели претседателот на Црвен крст Охрид Сашо Точков.
Охриѓани на нашиот и на сите останати штандови и од училиштата и другите присутни може да ја покажат хуманоста и да купат од производите кои ќе им бидат корисни за Велигденските празници, а со тоа да помогнат на социјално загрозените семејства. Со оглед дека веќе неколку години се реализира Велигденскиот базар задоволни сме од одзивот на охриѓани и од средствата кои се собрани. Сите се наменети за помош од најразличен вид, од средства за хигиена, прехранбени производи, лекарства… Помошта која им се дава на овие семејства е поврзана не само со овие акции, туку и со голем број хумани луѓе кои водат компании во Охрид и се подготвени навистина да излезат во пресрет. Ова ќе го правиме и во иднина. Во текот на една година опслужуваме преку 600 семејства односно преку 2 000 луѓе со некакви проблеми и потреби, додава Точков.
Директор на РЦСОО „Ванчо Питошески“ Охрид, Тони Андрески истакна дека како училиште активно се вклучени во базарите кои се организираат, а од почеток на годинава биле дел од Божиќниот, Германскиот и денешниот Велигденски.
Се што е понудено на нашиот штанд е изработено од учениците со помош на стручните наставници, професорите по пракса. Станува збор за хуманитарен базар и сите собрани средства ќе се донираат преку Црвен крст каде што е најпотребно. Подготвени сме секогаш за вклучување во хуманитарни настани, вели директор на РЦСОО „Ванчо Питошески“ – Охрид, Тони Андрески.
Инаку, Велигденскиот базар се организира по деветти пат во организација на Општина Охрид и ЈП „Градски пазар“.
Фото галерија:
Велигденски базар во знакот на хуманоста
Н.С.Ј.
фото. А. Момироска