Неописливо е чувството на родољубие, чест и гордост што ми е доделена оваа голема привилегија да говорам пред вас за еден исклучително значаен јубилеј, со кој ја славиме слободата на нашиот Охрид и им оддаваме почит на сите херои, кои ги положија своите животи на браникот на татковината, рече градоначалникот Кирил Пецаков на свечената академија која вечерва се одржа во Центарот за култура “Григор Прлучев” по повод 7-ми Ноември, Денот на ослободувањето на Охрид во организација на Општина Охрид и ОО Сојуз на борци на Охрид и Дебрца.

7-ми Ноември не е само историски датум, тоа е нашиот аманет, да ги водиме новите поколенија по патот на слободата, правдата и солидарноста. Искрено верувам дека херојските стремежи на нашите предци, ќе бидат наш силен мотив во денешната политичка и дипломатска борба, да го сочуваме достоинството на нашата татковина и се што е македонско. Во текот на изминатите 80 години, бројни наши сограѓани, долга низа на охриѓани, вложиле своја енергија, знаење и труд во унапредувањето на Охрид. На овие простори, благодарение на големите дела, на неизмерната мудрост и културните достигнувања, создаден е град, кој денес е признат и ценет не само во Македонија, туку и во целиот свет, рече Пецаков.

Сите наши претходници, посочи, оставиле значаен печат, а ние свесно и одлучно си поставуваме цел да продолжиме кон уште поголеми остварувања.

За мене лично, празникот на градот и месецот ноември имаат важна симболика и лично ги поврзувам со моментот кога бев избран и назначен за градоначалник. Да се биде предводник на Охрид, да се работи за неговите интереси, да се чува неговото уникатно богатство, за мене е возвишено и бесценето уважување. Воден од вистински идеали, горд сум што во текот на изминатите три години, оваа локална власт покажа дека со труд и со посветеност, може да се постигнат значајни резултати. По принципот на транспарентност и отчетност пред граѓаните, овие резултати се сублимирани и наскоро ќе бидат презентирани, додаде Пецаков.

Во рамки на вечерашната свеченост присутните имаа можност да уживаат во богата културно-уметничка програма и музичко-сценски перформанс “80 години слободен Охрид” во изведба на ученици од основните и средни училишта во градот, охридскиот градски хор “Вокс Лихнидос”, како Охридскиот камерен оркестар.

На свечената академија и претходеа изложби на Нина Ангелоска насловена “Охрид од високо” и на Славко Упевче кои беа поставени “55 години ликовна хроника на Охрид” во галеријата и изложбениот салон на НУ Центар за култура „Григор Прличев“.

Чествувањата продолжуваат утре кога ќе се одбележи патрониот празник на ЈП „Охридски комуналец“, а ќе биде положено свежо цвеќе пред спомен обележјата од НОБ на градските гробишта, градскиот парк, Основниот суд и дворот на СОСУ „Св.Кирил и Методиј“.

Во селото Рамне ќе се одржи Панихида пред споменикот на Јасна Ристеска во 10 часот.

Во 11 часот ќе биде положено свежо цвеќе пред спомен обележјата од НОБ во Спомен паркот на Револуцијата каде обраќање ќе има претставник од ОО Сојуз на борци.

Во 13 часот на стадионот на „Билјанини Извори“ ќе се одржи Европски куп во параглајдинг Охрид 2024 на кое отворање ќе се обратат градоначалникот Кирил Пецаков и министерот за спорт Борко Ристовски.

Во 13 часот ќе се одржи и промоција на книгата „Охридски летопис“ од авторите Павле Митрески и Димитар Смилески во големата сала на Општина Охрид.

Попладнето од 17 часот ќе се одржи свечена приредба по повод патрониот празник на ЈОУДГ „Јасна Ристеска” во спортската сала „Билјанини извори“, а во 19 часот ќе се одржи седмоноемвриски концерт на учениците од ОМУ „Методи Патче”, во концертната сала на училиштето.

На 8-ми ноември е предвидена промоција на книгата „Тие доаѓаат“ од ученици од охридските училишта во големата сала на Општина Охрид, додека на 9-ти ноември во 18 часот ќе биде одржана промоција за книгата „Модра мрежа“ од авторката Марина Икономова Шоќева во кафе бар „Шила“.

Инаку, десетици млади животи згаснаа во борбите за ослободување на Охрид што партизанските одреди ги водеа со фашистичкиот окупатор на 7-ми Ноември 1944 година. Благодарение на нивното херојство 80 години подоцна Охрид е слободен град, светска туристичка дестинација, културна престолнина и духовна мека на македонскиот народ.

Н.С.Ј.

Фото. А. Момироска