Денес на Факултетот за туризам и угостителство (ФТУ) во Охрид се одржа првиот академски час од академската 2024/2025 година.

На свечениот час се обратија продеканот за настава на ФТУ, Проф. д-р Бранко Николовски, проректорот за настава на УКЛО, Проф. д-р Цветко Андреески, директорот на Царинска управа на Македонија, Бобан Николовски, заменик директорот на Царинска управа на Македонија, Гарип Каба, претседателот на Управниот одбор и Генералниот извршен директор на Шпаркасе банка, Санел Кустурица и претставникот на Македонија осигурување и професор, Проф. д-р Климе Попоски.

Денес имаме свечен час на 46-тата генерација студенти на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид. кој е една од 11-те единици на УКЛО во Битола, рече пред почетокот на академскиот час, проректор за настава на УКЛО Битола, Цветко Андреески.

Оваа година имаме поголем број на студенти во однос на претходната, што е навистина добар знак со оглед на тоа што е намален бројот на матуранти за 5% во однос на минатата година. Очекуваме многу од оваа нова генерација, и од сите претходни. Нашиот Универзитет е дел од Универзитетската алијанса „Колорс“, Европската Универзитетска алијанса која што им дава дополнителни можности на нашите студенти за соработка со нивни колеги, за мобилност во странство, за учество во проекти и се тоа што значи подобар и поквалитетен студентски живот и се разбира повисоко ниво на настава и знаење, истакна Андреески.

Продеканот за настава на ФТУ Охрид, Бранко Николовски, посочи дека Факултетот за туризам и угостителство во Охрид е најстара институција од образованието во Република Македонија од областа на туризам, угостителство, царина и шпедиција, осигурување и менаџмент во услужниот сектор, а дипломата што ја добиваат студентите е меѓународна призната.

Дипломата е применлива во целиот европски образовен простор со оглед на тоа што го имаме целосно имплементирано европскиот кредит трансфер систем. Студентите во текот на студиите имаа можност да се вклучат во меѓународни програми како Еразмус+ програмата во рамки на ЕУ, Ц+ програмата, но им нудиме и задолжителна пракса во текот на нивните студии со оглед на тоа што треба да бидат подготвени да се вклучат веднаш по дипломирањето во рамките на стопанството, потенцираше Николовски.

Посочи дека Факултетот ги има сите потребни ресурси за успешено студирање, ги има сите потребни книги и литература, професорскиот и асистентскиот кадар им стои на располагање на студентите во текот на наставата, во рамки на предавањата, организираните приемни денови како и преку е-маил комуникација во секое време.

Инаку, за последните десет години, бројот на студенти во земјава се намалил за 7.043, односно за 12 проценти, покажува истражувањето на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК). Најголем пад од 11.150 студенти, односно 22 отсто има на државните универзитети. Наспроти тоа, на приватните има 4.054 или 56 проценти студенти повеќе. Кај верските високообразовни установи има 53 или 20 отсто повеќе студенти. Бројот на студенти во земјава го достигнал најниското ниво во пандемиската 2020/21, само малку повеќе од 50 илјади. По порастот во следните две учебни години, вкупниот број студенти повторно паднал во последната учебна година.

Свечен час на 46-тата генерација студенти на Факултетот за туризам и угостителство

Н.С.Ј.

фото.Б. Стојаноски