Ракометниот клуб Охрид доживеа голем удар во амбициите за пласман во плејофот, откако екипата на Струга славеше со 29-25 (14-14) во спектакуларното „Езерското“ дерби кое означи почеток на ракометните возбудувања во Супер лигата.

Со триумфот во преполната сала „Тими“ струшките ракометари им се реваншираа на охридските за поразот од првата етапа во македонската ракометна елита.

Добриот почеток на натпреварот на охридските ракометари им донесе прва опиплива предност на семафорот (7-4). После минутата одмор, домаќините се консолидираа и возвратија со 3-0 серија за егал 7-7. Охрид со два погодоци го врати водството 9-7, но Струга повторно најде сили да се врати во игра за 10-10. До крајот на првиот дел Струга го чуваше водството, а охриѓани со гол од девет метри после истекот на 30-тата минута израмнија (14-14).

Првите десет минути од второто полувреме минаа во знакот на домашните ракометари. Со маестрални  голови од контра напади ги казнуваа грешки на Охрид во нападот и стигнаа до највисока предност од 4 голови (19-15). Охридските ракометари се стабилизираа, успеваа со голови да ги завршат нападите и го затегнаа обрачот пред голот. Со таквата игра на истекот од 50-та минута дојдоа до два негатива (23-21). Стружани и покрај налетот на Охрид не попуштија ја задржаа предноста и славеа заслужен триумф пред своите навивачи.

Во составот на Струга најпрецизен беше Леско Тсителишливи со 7 голови, еден помалку постигна пивотменот Александар Тренчевски, а на пет застана Ненад Костески. Кај охриѓани најефикасен беше десното крило Бобан Блажески со осум погодоци, а пет реализираше Дарко Георгиевски.

Учеството на Охрид во плејофот не е невозможна мисија, но далеку е со оглед на тешкиот распоред кој го има до крајот на регуларниот дел од Супер лигата.

Мх.П.