Сите патишта синоќа водеа кон спортската сала „Билјанини извори“ во Охрид, каде во рамки на 2 коло од плеј офот се сретнаа домаќинот ГРК Охрид и актуелниот македонски првак Вардар. Во извонредно возбудлив натпревар и по голема борба која траеше до последните мигови, славеше Вардар 23:27. Но, симпатиите ги освои Охрид чии играчи носени од две и пол илјадната публика прикажаа извонредна партија.

Фото Анамарија Момироска

Мечот започна со спектакуларна најава која дополнително ја подигна атмосферата во салата. Публиката со громогласен аплауз го поздрави турскиот интернационалец во редовите на Охрид Каракоч, изразувајќи му поддршка во тешките мигови за неговата земја по катастрофалниот земјотрес кој однесе најмалку 45000 човечки животи.

Спектакуларна најава на дерби натпреварот од плеј-офот во Охрид 

На трибините ритамот го диктираше навивачката група „Рибари“ која и синоќа беше осмиот играч на ГРК Охрид. По завршување на мечот домашните играчи се заблагодарија на верните поддржувачи.

Рибари беа осмиот играч на ГРК Охрид

Публиката која синоќа ја исполни спортската сала „Билјанини извори“ уживаше во одличен ракомет. Иако Охрид загуби, гледачите беа задоволни од прикажаното, дотолку повеќе што „гладијаторите“ во голем дел од мечот беа рамноправен противник.

Ракометно уживање во Охрид

До крајот на плеј – офот во Супер лигата остануваат уште 12 кола во кои Охрид ќе се бори за што повисок пласман во најквалитетното клупско натпреварување во земјата.

Г. Момироски
Фото: Анамарија Момироска