Актерите на Охридскиот народен театар со стоечки аплауз беа наградени од публиката за претставата „Аналфабет“, работена по текст на Бранислав Нушиќ, а во режија на Ѓорѓи Ризоски, која премиерно беше изведена синоќа во Центарот за култура „Григор Прличев“ на Светскиот ден на театарот, 27-ми март.

Исклучително актуелната тема која длабоко допира во актуелните случувања кај нас, го привлече вниманието на публиката која во еден здив ја изгледа претставата која е вистински хит во најава.

Претставата се занимава со луѓето кои црпат голема моќ од функциите на кои се поставени во општеството и ги злоупотребуваат привилегиите за лични интереси, без оглед на последиците кои ги предизвикуваат.

Во претставата играат Горан Стојаноски (Максим Благадуша), Никола Тодороски (Митре П. Клатипатлак), Стрезо Стаматоски (Руменче Вујаклија) и Елизабета Стефановска (Магдалена Лепајкоска Дупева).

– Ние се бориме дваесет и шест седум години со ентузијазам, добра волја, кавги, ега и опстојуваме. Денеска после толку години и оваа слатка премиера сакам да објавам дека е објавен тендерот за новата театарска зграда во Охрид. Зградата не го прави театарот но е потребнa многу. истакна по премиерата директорот на Центарот за култура Горан Стојаноски.

На коктелот што после премиерата на „Аналфабет“ се одржа во „Мезе бар10“, светската порака по повод денот на театарот која годинава ја испрати францускaта актерка Изабел Ипер, ја прочита актерот Стрезо Стаматоски.

– Доволно е да се каже дека театарот е некоја гола сцена од некое неопределно време – се што и треба е актер. Или актерка. Што ќе прават? Што ќе кажат. Ќе зборуваат ли? Публиката чека и ќе дознае. Конечно без публика нема театар. – рече Стаматоски.

Македонската порака по повод Светскиот ден на театарот која ја напиша Благоја Мицесеки, уметнички директор на Битолскиот народен театар, ја прочита актерот Никола Тодороски.

-Тетарот за мене е храна и тоа органска која денеска е многу популарна, затоа што сами ја засејуваме, затоа што знаеме на каква почва ја одгледуваме, затоа што не ја прскаме со вештачки ѓубрива, туку и подаруваме љубов, а не лажни ветувања. – истакна Тодороски.

Љубителите на театарот вечерва, вторник, во центарот за култура „Григор Прличев“,  ќе имаат можност да ја проследат првата реприза на претставата „Аналфабет“, со почеток во 20 часот. 

OhridNews
Фото: Емил Јовановиќ/Горан Момироски