Традиционално по седумнаесетти пат српската заедница во Охрид го одбележа празникот Свети Сава со свечен ручек и музика, но и со свечена литургија запазувајќи ги христијанските обичаи.

Во присуство на бројни гости, членови на Здружението на Србите од Охрид „Коштана“, заменик градоначалникот на Општина Охрид, Перчо Божиновски, црковниот обред и благословувањето на славскиот колач го изврши отец Сашо Ристески од храмот „Свети Никола“.

Претседател на Здружението на Србите од Охрид „Коштана“ Среќко Стојановиќ истакна дека одбележувањето на празникот има големо значење.

Свети Сава е значаен празник за нас Србите бидејќи е првиот српски архиепископ кој ја основал Српската православна црква. Бил и голем учител и просветител на целиот српски народ. Во Србија се слави повеќе како Ден на образованието, а кај нас во Македонија ние го преземавме како слава на здружението. Се надеваме дека  традицијата ќе ја продолжиме и догодина и ќе бидеме во уште поголем број, рече Стојановиќ.

Настанот се одржа во организација на српската заедница од Охрид и почесниот конзул на Република Србија во Република Македонија со седиште во Охрид, м-р Михајло Филев, како одбележување на овој светол празник кој ги поврзува двата народи.

Инаку, Здружението „Коштана“ брои околу 450-500 членови.

 

Н.С.Ј.