Дали и како  функционираат Плановите за евакуација во институциите беше денешната цел на показната вежба за евакуација во случај на пожар и земјотрес во ОСУ „Св. Кирил и Методиј“. Вежбата беше во организација на Отсекот за превенција при СВР Охрид, Територијалната противпожарна единица и Планинарско – спасителната единица при Црвен Крст Охрид. Симулацијата беше организирана за практично да се види како би реагирале наставниците и учениците во случај на елементарни непогоди и колку ефикасно би била спроведена безбедна евакуација, вели портпаролот на СВР Охрид Стефан Димоски

Денеска практично се покажа дека имаме добра координација, не само со образовните центри туку и со другите фактори коишто беа инволвирани во реализацијата на оваа показна вежба. Се видоа оние фактори коишто треба да бидат и тоа како ефективни во случај на елементарни непогоди. Исто така, оваа активност практично укажа на потребата од уште поголема координација во смисла на изготвување на поефикасни планови за заштита и евакуација и нивно имплементирање. Сметам дека ваквите активности се потребни и треба да бидат почести во смисла на подоследно, поцелосно и поефективно спроведување на мерките кои се предвидени при процес на евакуација, вели Димоски.

 

Според сценариото за елементарна непогода на случен земјотрес и пожар беше извршена евакуација на сите ученици и вработени од ОСУ „Св. Кирил и Методиј“ на безбедно место преку што беа испробани правците на извлекување според Планот за евакуација. Симулацијата претставува законска обврска која секоја институција треба да ја прави на две години, истакна претседателот на Црвен крст Охрид, Сашо Точков и апелираше доколку на одредена институција и е потребна помош при изработка на Планот може да се обрати до Црвен крст.

Целта на вежбата  е вработените и учениците да го извежбаат евакуирањето, односно да извежбаат како да се движат според Планот за евакуација. Сите институции се задолжени да имаат технички обучен кадар за постапување при случај на елементарна непогода и задолжително да имаат План за евакуација, но не треба плановите само да стојат на ѕид туку треба да бидат извежбани и да знаат и вработените и учениците во случајов како да  се однесуваат. На пример, конкретно во денешното сценарио, во  случај на земјотрес не треба да прави паника, професорите треба да разговараат со учениците во самата училница и да ги засолнат децата како што е по протокол, за после пет минути од случениот земјотрес да започне евакуацијата, кога и треба да се пријави до службите за интервенција, вели Сашо Точков претседател на Црвен Крст.

Точков додаде дека тие како организација успеале да изработат и достават Планови за евакуација во девет образовни институции во градов и се планира наредна симулациска вежба од ваков тип во друго училиште.

Ваквите активности се наменети за да се подигне севкупната безбедност во и околу училиштата посебно од аспект при заштита од елементарни непогоди.

К.А.