Со забавен перформанс, синоќа во спортската сала „Владо Попески“ во Вевчани беше отворен турнирот во мал фудбал „Веввачански куп 2015“, што го организира познатиот и реномиран стоматолошки центар „Д-р Баткоски“, под покровителство на локалната самоуправа.

-Се надевам дека гледачите ќе уживаат во спортските натпревари и дека овој турнир во иднина ќе стане традиционален. – изјави на свеченото отворање Д-р Небојша Баткоски, сопственик на стоматолошкиот центар „Д-р Баткоски“ и иницијатор на турнирот.

Пред присутните се обрати и градоначалникот на општина Вевчани Цветомир Угриноски. Тој истакна дека со отворањето на спортската сала во Вевчани се остварил деценискиот сон на вевчанци изразувајќи надеж дека таа ќе биде поприште на многу спортски натпревари и културно забавни настани кои ќе го збогатат живеењето во општината.

Во ревијалниот дел од турнирот настапија женските екипи на стоматолошки центар „Д-р Баткоски“ и хотел „Тино“ од Охрид, кои одиграа нерешено 1:1. 

Атмосферата во исполнетата сала во Вевчани ја загреаја танчарките кои изведоа повеќе точки.

Во спортскиот дел екипата на „Д-р Баткоски“ ги прокнижи првите бодови откако противникот, екипата на „Медиа Инженеринг“ не се појави на теренот. Во вториот меч „АСП Пак“ славеше со убедливи 9:1 над Враништа.

Турнирот продолжува вечерва со три средби во термините од 19, 20 и 21 часот.

Наградниот фонд на турнирот „Вевчанскии куп 2015“ изнесува 205 000 денари, а ќе се одржува повеќе од два месеци. 

OhridNews
фото: „Мега продукција“