Сончевото време на првиот ден од Новата година ги измами на прошетка охриѓани и туристите. Кејот и пешачките патеки околу езерото беа преполни со луѓе.
Полни беа и угостителските објекти чии тераси денеска изгледаа како да не е зима. Пријатното време многумина го искористија за кафе муабет со пријателите, дотолку повеќе што поради рестриктивните мерки кафулињата и рестораните имаат право да работат само до 18 часот.
Иако нивниот број е значително помал во однос на претходните години, низ градот можат да се забележат гости. Во најголем дел се работи за домашни туристи, а помал дел се странци. Голем дел од гостите се од другите градови на земјата кои во Охрид имаат викендичка или стан.
Топлото време, невообичаено за овој период од годината, ги раздвижи и излетничките места во околината на Охрид и на планината Галичица, кои денеска беа полни со посетители кои уживаа во прекрасниот поглед кој се пружа од националниот парк.
Повеќе од јасно е дека оваа Нова година ќе изостане некој поголем туристички ефект. Покрај гости изостанаа и организираните прослави кои традиционално почнуваа со денови пред најлудата ноќ. На Нова година единствено потсетува убаво украсениот центар на градот, кој деновиве во вечерните часови е најфотографираното место во Охрид.
OhridNews